(Видео) Арсовска се расправаше со архитектите за Универзалната сала пред камери


Градоначалничка на Скопје Данела Арсовска денеска пред медиумите се расправаше со претставници на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) пред Универзалната сала, на асостанокот кој го иницираше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по објавата на Арсовска дека проектот за Универзална е небезбеден.

Арсовска останува на ставот дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден и дека треба да биде стопиран, додека асоцијацијата останува на ставот дека тоа е политичка одлука на градоначалничката донесена без факти и аргументи.

Фото: Б. Грданоски

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) пред неколку дена објави дека политичарите не смеат да тврдат дека проектот за Универзална сала е небезбеден, бидејќи тие не се стручни и со тоа ја омаловажуваат струката.

Градоначалничката Данела Арсовска во вторникот на прес-конференција кажа дека градежните работи на Универзална сала се одвиваат со намалена динамика, бидејќи проектот кој е одобрен од претходното раководство на Градот не е безбеден.

 

На изјавата на Арсовска реагираше фирмата проектант „Мегарон инженеринг“, која кажа дека проектот е безбеден и сите измени се одобрени од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

– Проектот продолжува, но не со оваа документација која е небезбедна. Соопштението на Асоцијацијата на архитекти беше памфлет на СДСМ. Констатирано е дека проектот не ја отсликува реалната состојба на терен, уште вчера поранешната претседателка на Советот, Љубица Јанчева самата кажа дека откриле недостатоци на проектот. Не сакам да ги омаловажувам архитектите урбанисти, но тие се истите луѓе кои не сакаат својот потпис да го стават на овој проект. Се останато е политички инструирано, рече Арсовска по средбата.

На ова возврати претседателка на Собранието на Асоцијацијата, која рече дека архитектите се навредени што Арсовска ги поистоветила со СДСМ.

– Ние сме стручно тело кое постои пред Петре Шилегов. Нас не повика министерката за култура. Тоа не е памфлет, тоа е долга борба да не си ги користат политичарите објектите за свои поени. Кога некој ќе каже дека нешто е небезбедно, треба да излезе со факти. Објектот не е завршен, кога ќе биде завршен, тогаш ќе биде безбеден, рече таа.

На прес-конференцијата беше и главниот архитект од „Мегарон инженеринг“, кој најпрво се запозна со градоначалничката, а потоа потврди дека се соочиле со мали недостатоци и проблеми во текот на градбата во однос на првичниот проект, за што побарале мислење од ИЗИС и од градежниот факултет, од каде по измените добиле позитивни мислења.

Сагата за реконструкцијата на Универзална сала очигледно продолжува.