Вицепремиерот Николоски ги излажа транспортерите, вели Филипче


 

Откако денеска Европската комисија објави дека нема договор за превозниците од регионот и останува во сила правилот 90/180 лидерот на СДСМ, Венко Филипче изјави дека вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ги излажал транспортерите велејќи им дека работата била средена.

„Гледате како излажа вицепремиерот Николоски за транспортерите. Што велеше? Не секирајте се, завршен е проблемот, разговаравме со Европската унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборувалвистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче вечерва во Гевгелија на средба со партиските членови. 

Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно  ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните. 

„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.

Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана  државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.