Ветерот вчера бил со брзина на ураган – во Штип стигнал до 134 километри на час!


Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) врз основа на податоците од Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици, вчера регистрираше исклучително високи вредности на удари на ветер, приближни до историските рекордни вредности.
 
Од 47 мерни места за ветер во Републиката, олуја и олуен ветер со брзина од 62 до 88 км/час е регистриран на 12 мерни места, силна олуја со брзина од 88 до 102 км/час на 6 мерни места, орканска/ураганска олуја со брзина од 102 до 117 км/час на едно мерно место, а оркан/ураган со брзина над 118 км/час на 3 автоматски метеоролошки станици. На останатите мерни места е регистриран ветер со јачина под 62 км/час.
 
Оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер, претставува ветер чија брзина надминува 118 км/час. Тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери. На Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17 часот, е регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 км/час со правец запад-северозапад (WNW).
 
Во Скопската котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 км/час со правец север-северозапад (NNW). Ветер со истата јачина од 130 км/час е регистриран и на Автоматската метеоролошка станица Ново Село во Струмица, во 17:50 часот, со правец северозапад (NW).