Вестерн лик во Велес: Гари Купер добива мурал под Градски саат


Фото: weeklystandard.com

Од Стрип центарот на Македонија (СЦМ) на ѕидот под Градски саат во Велес деновиве интензивно работат на голем мурал со познатиот вестерн холивудски актер Гари Купер, а за кој илустрацијата е на реномираниот стрип автор Владимир Весовиќ од Белград. Муралот го изработуваат велешките цртачи Ване Трајков, Горан Мазнев и Анита Гочева.

Томе Трајков  од СЦМ-Велес за МИА, појаснува дека изработката на овој мурал деновиве предизвикува голем интерес.

„Според планираните активности, муралот чија изработка е со финансиска поддршка на Министерството за култура, треба да биде готов до крајот на месецот. Воедно со изработката на мурали ние по примерот на францускиот град Ангулем, очекуваме да дадеме убав пример, големите ѕидни мурали да заживеат и во други градови во земјава. Ние како први во изработка на големи ѕидни мурали во земјава сме горди и  ги поттикнуваме и останатите да започнат со нивна изработка, а задоволството е големо за сите граѓани и туристи како своевидна атракција на градот, потенцира Трајков.

Тој потсетува дека СЦМ Велес пред петнаесетина години имаат изработени два големи стрип ѕидни мурали на станбени згради во центарот на градот, а едниот од нив е посветен на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.