Вештачката интелигенција под лупа: тинк – тенкот И-ХИ ја отвори дебатата за етичката иднина на технологијата


Во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје се одржа првата јавна презентација на новиот тинк-тенк И-ХИ, независен истражувачко-аналитички центар кој ја става етиката и човековите права во сржта на дебатата за вештачката интелигенција (ВИ). Настанот го одбележа објавувањето на нивниот прв позициски документ, симболично насловен „ВИ – Меч со две сечила“.

Примената на ВИ веќе функционира како моќен пазарен сегмент кој создава многубројни нови економски можности. Според извештајот на McKinsey & Company (2023) , ВИ во неколку високотехнолошки области може да придонесе со 23 трилиони долари годишно за глобалната економија до 2030 година, што претставува забрзување на глобалниот БДП од 1,2% годишно.

Истовремено, развојот на хуманоидната роботика со вештачка интелигенција се движи со забрзано темпо, а водечки компании како Tesla (Optimus), Boston Dynamics, Figure AI и Agility Robotics најавуваат дека пазарната достапност на автономни хуманоидни роботи ќе започне веќе во текот на 2030-тите. Овие роботи, управувани од напредни ВИ системи, ќе имаат можност да извршуваат физички задачи што традиционално ги вршат работниците во индустријата, логистиката, здравството и услугите. Лидерите на оваа технологија зборуваат за скорешна употреба на хуманоидните роботи во таканаречени досадни, репетитивни и опасни задачи.

Aнализата на Goldman Sachs (2023), се вели во позицскиот документ укажува дека глобалниот пазар за хуманоидни роботи би можел да достигне 38 милијарди долари до 2035 година.

Во истиот извештај се допира и цената на хуманоидните роботи – „Производствената цена на хуманоидните роботи се намали – од опсегот што минатата година се движеше помеѓу приближно 50.000 долари (за поедноставни модели) и 250.000 долари (за најнапредните верзии) по единица, на опсег од 30.000 до 150.000 долари во моментов. Додека нашите аналитичари очекуваа намалување од 15-20% годишно, цената се намали за 40%.“, се вели во овој извештај.
На промоцијата беа презентирани и позитивните аспекти на ВИ – нејзината примена во образованието, здравството, науката, роботиката и економијата. Но истовремено, беа отворени и прашања за нејзиното влијание врз демократијата, манипулацијата со информации, нееднаквоста и дигиталната етика.
„Вештачката интелигенција е најмоќната алатка што човештвото ја има измислено – прашањето не е дали да ја користиме, туку како. Дали ќе изградиме похумано општество или ќе дозволиме технологијата да владее без надзор?“, прашуваат од И-ХИ.
Претседателот на И-ХИ, Валентин Нешовски, нагласи дека иако многу дискусии за ВИ се водат на глобално ниво, и нашето општество веќе ги чувствува ефектите – од социјалните мрежи до промените на пазарот на труд. „ВИ веќе носи вознемирувачки промени во некои технички професии, а тоа е само почеток“, предупреди тој.
И-ХИ предлага јасен сет препораки насочени кон институциите, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата:
• Развој на национална стратегија за вештачка интелигенција со јасно дефинирани законски и етички рамки
• Едукациски реформи за адаптација на идните генерации кон дигиталниот свет
• Социјална сигурност за работници погодени од автоматизацијата, вклучувајќи и дебата за универзален основен приход
• Кодекси за етичка употреба на ВИ во јавниот сектор и медиумите
• Контрола врз политичка злоупотреба и дезинформации поттикнати од ВИ
• Основање независно тело за следење на имплементацијата и влијанието на ВИ
Во документот се укажува дека, во следните 5 до 10 години, ВИ може да донесе големи придобивки – но само ако се имплементира на правичен и регулиран начин. Во спротивно, ризикот од масовни отпуштања, нови форми на дигитална цензура или нерамноправност е реален и блиску.
„ВИ не е само технолошки предизвик – таа е прашање на општествена и социјална правда“, подвлекуваат од И-ХИ.
Организацијата планира да отвори јавна дебата во која ќе бидат поканети да се вклучат академската заедница, владини институции и приватниот сектор за развој на функционален и фер систем на регулација. Планирани се истражувања, јавни расправи и изработка на предлог-политики кои ќе овозможат безбедна и одржлива примена на ВИ.
„Нашиот тим брои експерти со повеќе од 20 години искуство во различни области – од стратешки комуникации, политички науки и софтверски дизајн, до информациски системи и меѓународен бизнис развој“, вели Нешовски. „Веруваме дека можеме да направиме разлика.“

Целиот документ „ВИ – Меч со две сечила“ е достапен тука: https://i-hi.org/mk/stavovi-i-pozicii
Повеќе за тимот: https://i-hi.org/mk/tim