Велосипедската федерација доживотно го дисквалификувала поради злоупотреби, Владата го постави на чело на директорите на Телеком


Сашо Димитријоски

 

Левица тврди дека Сашо Димитријоски, човек кој е доживотно дисквалификуван од Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ) поради тешки финансиски злоупотреби, сега седи на чело на Одборот на директори на Македонски телеком на предлог на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата има 35 отсто учество во Телеком, но преку т.н. златна акција ги има клучните права во управувањето со компанијата. Таа го постави Димитријоски за член, а потоа и за претседател на Одборот. „Тоа е уште еден пример за класичен партиски грабеж на јавни позиции, при што личната лојалност и блискоста со врвот на партијата (во овој случај, според нашите информации, со генералниот секретар на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски) тежи повеќе од какви било критериуми на компетентност, интегритет или јавна одговорност“.

Левица наведува зошто Димитријоски е доживотно дисквалификуван од ВФМ.

– Се самовработил и си исплатувал плата без каква било дозвола или знаење на ВФМ и истата не била прикажана во финансиските извештаи доставени до Собранието на ВФМ;

– Без одобрување на ВФМ исплаќал финансиски средства на физички лица кои се во роднинска или лична врска со него, иако немале врска со активностите на ВФМ;

– Исплаќал лажни фактури и сериозни износи кон фирма во сопственост на неговиот син, спротивно на закон – „Гран фондо“, за услуги кои не се документирани и чии средства исчезнуваат.

Има уште неколку случаи каде Димтирјоски постапувал незаконски.

„Федерацијата реагирала со доживотна дисквалификација. Но, државата, очигледно, гледа потенцијал во такви кадри.

А скандалот е подлабок. Во неговото друго јавно поглавје, како директор на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), парите од телекомуникациските оператори, кои би требало да се вложуваат во подобрување на комуникациската инфраструктура, тој ги трошел за изградба на Панорамското непостоечко тркало, за донации на Зоолошката градина, МТВ и… повторно, на Велосипедската федерација. Над 8,8 милиони евра за три години! За кои, патем, и Европската комисија нотираше дека се потрошени надвор од надлежностите на Агенцијата“.

Според Левица, во нормална држава, Сашо Димитријоски одамна ќе беше под лупа на институциите, а не на директорска фотелја. Но, станува јасно дека оваа Влада не може да понуди никаква реформира или промена, бидејќи сака да рециклира стари ликови, навики и шеми.