Велешанка на 40 степени оставила шестмечено бебе на клупа
Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против мајката на 6-месечно бебе кое на 12 јули беше пронајдено оставено на клупа на улицата „8 Септември“. Бебето го забележал случаен минувач и го однел во ЈЗУ Општа болница Велес, каде било примено во тешка општа здравствена состојба.
Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издаде наредби за утврдување на ДНК профил на бебето и ДНК анализа со кои се утврди дека сега осомничената е биолошка мајка на бебето, која со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување го запуштила своето новородено дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. По приемот во велешката болница, таа на кратко го посетила бебето, по што си заминала и не се вратила. Поради тоа постои основано сомнение дека со ваквите дејствија таа сторила кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Детето е ставено под старателство на Центар за социјална работа и сместено во установа за згрижување деца без родителски надзор.