Вечерва собир во Скопје за сеќавање на жртвите од пожарот во Кочани


Вечерва во Скопје ќе се одржи протестен собир на кој ќе им се оддаде почит на жртвите на катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи пред точно шест месеци. Собирот ќе се одржи на плоштадот во Скопје, со почеток во 20,16 часот.

Организаторите, иницијативата „Кој е следен“, најавија дека вечерва на плоштадот ќе биде поставено сандаче за писма, во кое секој може да остави порака за семејствата на жртвите. Пораките, со кои на семејствата треба да им се покаже дека не се сами во својата тага, идната недела ќе бидат однесени во Кочани.

Од иницијативата во најавата за собирот велат дека пожарот во Кочани не беше несреќа, ниту трагедија, туку масакр – свирепо убиство предизвикано од нефункционалните институции и партискиот систем. Тие се незадоволни бидејќи и после толку време судовите молчат, а власта им се заканува и уценува.

„Оваа состојба е само продолжение на трагедијата во Кочани пред шест месеци, а случувањата по тој кобен ден се само продолжение на неправдата и предавството кое нашето општество го нанесе на тие млади луѓе. Продолжение на маките на преживеаните, кои треба самите да ги носат, оставени на милост и немилост на државата која требаше да ги заштити“, велат од „Кој е следен“.