Вечерва на „Охридско лето“ џез-концерт на „Kiiōtō“ и претставата „Уна“ на Звездара театарот од Белград


 Фестивалот „Охридско лето“ вечерва нуди две содржини од својата програма – музичка џез-вечер со британскиот состав „Kiiōtō“ и театарската претстава „Уна“ од Момо Капор, во продукција на Театарот „Ѕвездара“ од Белград.

Во рамки на џез-програмата ќе настапи „Kiiōtō“, музичкиот проект на наградуваниот пијанист и композитор Рохан Хит и вокалистката Лу Роудс, позната и како членка на британскиот бенд „Лемб“. На сцената со нив ќе биде и контрабасистот Џон Торн.

Музиката на „Kiiōtō’ е создадена врз заедничките музички искуства на двајцата автори, а во неа значајно место имаат поезијата и темите поврзани со човековиот живот. Роудс и Хит повеќе од три децении се присутни на музичката сцена, со настапи на фестивали како „Коачела“, „Гластонбери“ и Џез-фестивалот во Монтро.

Роудс го предводела „Лемб“, а како соло артист била номинирана за наградата „Меркјури“. Хит бил фронтмен на „Урбан Куки Колектив“, познат по хитот „The Key, The Secret“.

Во рамки на драмската вечерва ќе биде изведена претставата „Уна“, работена според мотиви од култниот роман на Момо Капор, во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Театарот „Ѕвездара“ од Белград.

Текстот за претставата го напиша Стеван Копривица, заснован на романот на Капор, но со нови значења и конотации поврзани со времето во кое живееме.

„Уна“ отвора теми за сеќавањето, љубовта, минливоста и човечките односи, како и за влијанието на минатото врз сегашноста. Претставата, како што истакнува режисерот Пројковски, се занимава и со прашањето на зачувувањето на автентичноста и искреноста во време на технологија, социјални мрежи и површна комуникација…

Во претставата настапуваат Никола Ристановски како Мишел Бабиќ, професор по медиумска социологија, Магдалена Мијатовиќ како Уна Војводиќ, студентка по медиумска социологија, Сена Ѓоровиќ како Олга Бабиќ и Марко Гверо како проректорот Дукиќ.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, а костимите на Ивана Ристиќ.

„Kiiōtō“ ќе настапат на сцената „Долни Сарај“, а претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“, и двета настани со почеток од 21 часот.