Вечерва концерт на виолинистот Игор Пикајзен и македонската пијанистка Илинка Манова на „Охридско лето“


Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на американско-рускиот виолинист Игор Пикајзен и македонската пијанистка Илинка Манова. Тие ќе настапат во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Игор Пикајзен е роден во Москва и е внук на легендарниот виолинист Виктор Пикајзен. Дипломира на „Џулијард“  во Њујорк, а магистрира и се здобива со уметничка диплома на престижниот Универзитет „Јеил“. Во 2019 година е назначен за професор  по виолина на Музичката школа „Ламонт“ при универзитетот во Денвер. Наградуваниот виолинист Игор Пикајзен се смета за еден од најталентираните и најбарани солисти на неговата генерација. Во сезоната 2022/23 ќе биде промовирано неговото ЦД снимено за компанијата „Ворнер Мјузик“ со Лондонската филхармонија на кое ги изведува концертите од Глазунов и Чајковски, а исто така следи и промоција на изданието  „Фантазии за виолина и пијано“ заедно со пијанистката Татјана Пикајзен.

Македонската пијанистка Илинка Манова која живее и работи во САД е добитничка на повеќе награди, а нејзината љубов и страст кон музиката ја преточува во суштинско изучување на оваа уметност. Првите образовни стадиуми ги завршува во Скопје во класата на проф. Валентина Нолчева, за потоа да продолжи да студира во класата на проф. Арбо Валдма во Келн и во класата на д – р Соломон Миковски на „Менхетен“ школата за музика во Њујорк.  Добитничка е на полна стипендија за нејзините студии со Стефани Браун на САНИ каде што се здобива со титула магистер и  со уметничка диплома. Во моментов е запишана на докторски студии за музичка уметност под менторство на д-р Анџелина Гаделија на Универзитетот во Конектикат.

Добитничка е на прва награда на 29. Меѓународен натпревар за уметници во Њујорк, по што следи нејзиниот соло рецитал во „Карнеги хол“ во 2001 година. Добитничка е на повеќе стипендии, награди и признанија и тоа: наградите на градот Сенигалија во Италија, и Државната награда на тогашна Југославија на натпреварот за млади музичари во Сараево. Настапувала во Тајван, во зградата на ОН во Њујорк, во престижните „Стенвеј“ и “Меркин хол“, како и во други концертни сали во САД.  Како солист и камерен музичар остварила настапи во Париз, Рим, Бон, Келн, Женева, Сенигалија, Белград, Љубљана, Скопје, како и низ повеќе градови во Источна Европа, и во САД. Илинка Манова е директор на непрофитната организација АртАхимса која преку уметностите промовира ненасилна култура. Предава во музичките училишта „Браунинг“ и „Дилер -Квејл“ во Њујорк, а нејзините ученици се лауреати на повеќе натпревари. Од 2012-2022 година Манова беше еден од раководителите на „Рондо“ платформа и натпревар за млади музичари преку која бројни млади уметници се мотивирани да го развиваат нивниот талент преку можности за концертни претставувања  во „Карнеги хол“, како и преку учество на мајсторски курсеви на летната академија „Рондо“ во Женева, Швајцарија.