Вчерашните претседателски избори со најниска излезеност досега


Вчерашниот прв круг од претседателските избори помина со досега најнизок одѕив на гласачите споредено со претходните изборни циклуси за шеф на државата.

Според последните податоци што ги објави ДИК одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесуваше 41,82 отсто или на гласање излегле 755,816 граѓани.

На првите непосредни претседателски избори во 1994 година на гласање излегоа 1.053.761 граѓани, а за шеф на државата беше избран Киро Глигоров  со освоени 715.087 гласови.

Неговиот наследник Борис Трајковски во 1999 година беше избран со 582,808 гласови, а на гласање излегоа 1.112.703 граѓани.

Следниот претседател Бранко Црвенковски во 2014 година беше избран со гласовите на 550.317 граѓани од вкупно излезените 909.289 граѓани.

Ѓорѓе Иванов во 2009 градина кога за прв пат беше избран за претседател доби поддршка од 453,616 граѓани, а вкупно на гласање излегоа 764.039.

Вториот мандат во 2014 година Иванов го освои со 534.910 гласови, од вкупно излезените 967.676 граѓани.

Новиот претседател на државата ќе се избира во вториот круг што треба да се одржи на 5 мај. Граѓаните ќе избираат меѓу двајцата кандидати кои вчера освоија најмногу гласови Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. За да биде избран новиот шеф на државата, на гласање ќе треба да излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи.

Фото: Б. Грданоски