Важен чекор кон енергетска транзиција
Колку е значаен ветерниот парк „Вирови“ зборуваат и податоците дека е најголем капацитет од обновливи извори на енергија во земјава, колку два блока на РЕК „Битола“, дека нема да користи повластени тарифи од државата, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ангажира локални работници и добавувачи
Македонија штотуку направи голем чекор кон остварување на целта за енергетска транзиција и премин кон зелена енергија. Договорот што беше потпишан во вторникот со „Впд“ (Wpd), реномирана германска компанија специјализирана за планирање и реализирање на проекти со енергија на ветар и сонце ги прави таквите намери реални и остварливи.
Како што е познато, станува збор за инвестиција вредна 500 милиони евра и со која во наредните пет шест години пејсажот на потегот од Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка ќе се дополни со 69 ветерни турбини кои ќе произведуваат 1.335,95 гигават часови чиста електрична енергија годишно, доволна да ги задоволи потребите на 290 илјади домаќинства.
Оваа најголема гринфилд инвестиција до сега во нашата земја доаѓа во време кога и кај нас, како и во Европа и во светот расте стравот од енергетската неизвесност и од недостиг на електрична енергија, повисоки сметки за граѓаните и фирмите, како и за влијанието врз општото ниво на цените.
Од една страна, ваквиот проект само покажува колку е потребно земјата да биде енергетски стабилна и да се потпира на ресурси што самата ги има, а ветерот, покрај сонцето секако спаѓаат во такво нешто.
Но, од друга страна, во екот на изборните кампањи за претстојните локални избори, од лидерите на најголемите политички партии во земјава слушнавме сосема различни пораки за енергетската стратегија на земјата, како и за темпото со кое се предвидува премин кон еколошки или зелени извори на снабдување.
Позицијата на владејачката СДСМ е позната – таа беше изложена во повеќе наврати и во суштина се сведува на амбициозен план за инвестирање во електрани на ветер, во фотоволтаици, како и во гасни централи – преку учество во проектот во Александропулис, но и со инвестирање на домашен терен, плус, „вечната“ заложба за реализирање на хидроцентралата Чебрен. Од вкупно нешто над 8 милијарди евра, колку што Владата предвидува да изнесуваат инвестициите во периодот 2021-2027 година со Интервентниот план за инвестиции (ИПИ), изложен во мај, дури 3,1 милијарда евра се однесуваат на проекти во енергетиката, во кои спаѓа и договорот за 400 мегавати ветерната електрана на ВПД, врз основа на законот за стратешки инвестиции.
Во рамки на планот за зелена енергетска транзиција е и проекцијата за гасна електрана во РЕК „Битола“ од 200 мегавати, во првата фаза, и уште толку во втора фаза, како дел од планот кој предвидува затворањето на јаглените централни во периодот 2028, 2029, 2030 година, што е во согласност на европските укажувања.
Но, најголемата опозициска партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ се чини има сосема поинакво видување како Македонија треба да се движи на планот на енергетиката. Не само што имаат сериозни забелешки за учеството во проектот Александрополис, со аргументација дека е подобро тие пари да се вложат во енергетски капацитети дома, туку, како што беше посочено деновиве на митинг во Битола, наместо затворање на блоковите од РЕК „Битола“, се предвидува нејзино ревитализирање и продолжување на векот на траење.
Енергетската транзиција е еден од најголемите предизвици не само кај нас, туку во многу понапредните држави во Европа, кои имаат далеку одминато во користењето на обновливи извори на енергија.
Тоа го отвора прашањето не само на цената на енергијата, бидејќи за инвестиции во обновливи извори на енергија се потребни значителни средства, а тоа на крајот ќе се прелее врз сметките кои ги плаќаат корисниците, туку ваквиот премин е поврзан и со губење работни места од една страна, но и можност на за вработување од друга страна.
Затоа се и неопходни посебни програми кои што ќе им овозможат на социјално ранливите граѓани да ги поднесат зголемените трошоци, но и за вработените кои заради таквата енергетска транзиција ќе останат без работното место во некој јагленокоп или во термоцентрала.
Енергетската ситуација во Европа и стравот кој надвиснува и кај нас, поттикнат во голема мера и од политичките препукувања, можеби некому се чинат дека не се поволна клима за преземање чекори кон енергетската транзиција, туку повеќе за задржување на некакво статус кво.
Но, примерот со Самсое, мал остров во Данска, го зборува токму спротивното. Поттикнати од нафтената криза во седумдесеттите години на минатиот век (тогаш климатските промени и беа тема за која што многу се зборуваше), Данците кои како и ние целосно зависат од увоз на нафта се свртеле кон она што го имаат – ветерот. Малиот остров со околу 4.000 жители кој добил на владин натпревар, станал модел за развој на обновливи извори на енергија, преку изградба на ветерници и постројки за биоенергија, што сега им овозможува не само да ги задоволуваат сопствените потреби, туку и да имаат вишоци кои ги пласираат во земјата. На островот е основана и Енергетска академија која има намера до 2030 година ова место да биде целосно независно од фосилните горива, 20 години пред целта на национално ниво.
Се разбира, Македонија не е Данска, но она што можеме да научиме од наведениот пример е дека и државите кои се целосно зависни од увоз на нафта (како што е Македонија), можат да развиваат модели кои ќе овозможат искористување на она со што располагаат и така да придонесат не само за почиста животна средина (што сега е во тренд) и за севкупните климатски промени, туку и да овозможат развој на сопствени енергетски ресурси .
Договорот со „Впд“ секако е голем чекор во таа насока, како поради износот на инвестицијата (половина милијарда евра), туку и заради тоа што станува збор за компанија која во своето портфолио има повеќе ветерни паркови што е своевидна гаранција дека работите ќе се спроведат онака како што е предвидено во договорот, што ќе овозможи придобивки да имаат и компанијата инвеститор и државата.
За ветерните електрани во некои текстови од областа на енергетиката се вели дека се „еколошки банкомати на ветар“. Иако не се совршени (меѓу забелешките доминираат оние дека се зависни од ветерот, како и дека создаваат одредена бучава и визуелно ја „загадуваат“ околината, потоа дека голем дел од материјалите од кои што се изработуваат не можат да се рециклираат (иако во последно време има и такви решенија), а претставуваат и закана за птиците поради огромните перки, сепак, доминираат позитивните аспекти, како тоа што користат обновлив и чист извор на енергија, ниските оперативни трошоци, ефикасното користење на просторот, одржливоста, отворањето нови работни места…
Колку е значаен ветерниот парк наречен „Вирови“ зборуваат и податоците дека е најголем капацитет од обновливи извори на енергија во земјава, колку што се два блока на РЕК „Битола“, потоа дека нема да користи повластени тарифи од државата, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ангажира локални работници и добавувачи и тн. За значењето зборува и податокот дека веста ја објавија и најголемите новински агенции и медиуми – Ројтерс, Асошиетед прес, ABC News…