Вархеи му го покажа правецот за преговори на Заев


Премиерот Зоран Заев веќе имаше средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи по која Вархеи порача дека разговорите биле добри и дека останува преговарачката рамка да биде одобрена од земјите членки, не споменувајќи никакво раздвојување со Албанија:

„Добри разговори со премиерот Зоран Заев денес за потребата од официјално започнување на пристапните преговори со Северна Македонија: Важно е Европскиот совет да постигне договор за преговарачката рамка што побргу.

Зборувавме и за борбата против ковид и имплементацијата на економскиот и инвестициски план за Западен Балкан“, напиша Вархеи по средбата на Твитер.

Според соопштението од владината прес-служба, еврокомесарот Вархеи ја пречекал македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија, е за време на португалското претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ. 

Вархеи уште рекол дека деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија е приоритет број 1 и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да одблокира овој процес

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, рекол на средбата Заев.