Вархеи ќе бара истрага како излегле деталји од извештаите


Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денес во Европскиот парламент најави дека ќе бара истрага како делови од извештаите за Западен Балкан излегле во јавноста, нешто за што рече дека „не е импресиониран“.

Презентирајќи ги извештаите  пред ЕП, тој оцени дека стратегиски интерес на ЕУ е овие земји да влезат во членство, и притоа наброја три цели, од кои само последната не е остварена, а тоа е одлука за преговарачките рамки за Македонија и за Албанија, што очекува да се случи во текот на актуелното германско претседателство до крајот на годинава. За Македонија Вархеи оцени дека остварила стабилен прогрес, вклучувајќи ја и клучната област на судството, владеење на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

-Северна Македонија треба да го одржи овој моментум. Јас сум охрабрен од новата влада дека натаму ќе обезбеди напредок во реформската агенда, рече Вархеи.

За Македонија главен проблем се барањата на Бугарија која бара да се додадат елементи поврзани за билатералните спорови што ги имаат Скопје и Софија.Албанија, од своја страна, има низа дополнителни услови пред сѐ поврзани за владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал.Еврокомесарот Вархеји порача дека Тирана остварила значаен напредок во реформите за ЕУ во последните месеци. Тој смета дека одвојувањето на Скопје и Тирана би било грешка.

Генерално, според Вархеи, пандемијата била голем предизвик за регионот, при што ЕУ обезбедила итна и значајна медицинска помош, а потоа и помош за економско заздравување.

-Фокусот сега ни е на долгорочно економско социјално-економско опоравување бидејќи има огромен расчекор во економскиот развој меѓу ЕУ и регионот, најави Вархеи, презентирајќи го новиот економски и инвестициски план на ЕУ за регионот, со кој ќе се мобилизираат повеќе од 9 милијарди евра до 2027 година преку ИПА фондовите, што ќе доведе до можен раст на инвестициите до 20 милијарди евра  инвестиции  во ситуација која БДП на регионот е 100 милијарди евра,  а сето тоа до  3,5 отсто раст на БДП во земјите. Планот е да се финансира во транспортот, енергијата, зелената и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој и закрепнување на регионот. Овој план треба да помогне да се трансформира Западен Балкан во еден од најатрактивните региони за инвестиции во светот, рече Вархеи, подвлекувајќи дека „имплементацијата секако ќе треба да оди заедно со реформите“.

Со планот инвестициите во инфраструктурата треба да ги поврзат главните градови во земјите  во  регионот, а наедно треба да се обезбеди брза транзиција од нечиста кон поеколошка енергија бидејќи луѓе умираат од загадувањето, споменувајќи дека сега има 16 централи на јаглен во регионот. Одливот на мозоци е сериозен проблем тука, рече Вархеи, а планот е да се консолидира регионот и да се стави на мапата на инвеститорите.

Илхан Кучук при преставувањето на извештајот за Македонија во ЕП, рече дека најголем проблем на регионот е иселувањето бидејќи, ако нема луѓе, нема ни прогрес.