Вандали го осквернавија споменикот на италијанските војници во Битола


Само оваа година споменикот, посветен на италијанските војници од Првата светска војна, беше четири пати мета на вандали

 

БИТОЛА – Вандали испишале „окупатори“ на споменикот на загинатите италијански војници во Првата светска војна што е поставен во Градскиот парк во Битола.

Битолчани кои секое утро се рекреираат во паркот се згрозени од овој вандалски чин и го осудуваат, дотолку повеќе што Битола од секогаш била космполитски град.

Со црн спреј  напред и од левата страна споменикот е испишан со зборот „окупатори“, а од другата страна исцртан е рускиот крст.

Само оваа година овој споменик беше четири пати мета на вандали, неколку пати е исчкртан, искршена беше и спомен плочата, а беше  украдена и фигурата во жолто-златна боја, со што споменикот беше саниран само со мермерни спомен плочи. 

Нагрдена беше и таблата со текст и мермерната спомен плоча на која беше исцртана симболична скулптура на светец заштитник на италијанските војници учесници во Македонскиот фронт 1916-1918 година.

Овој споменик беше поставен во март минатата година кога амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со општина Битола, Министерството за одбрана и Министерството за култура со свечена церемонија во Градскиот парк.

Спомен обележјето сведочи за периодот од 1916 година до 1918 година, односно за времето кога италијанскиот контингент со околу 50 илјади војници пожртвувано се борел на фронтот што се протегал од планината Баба па сѐ до највискиот врв на планината Ниџе, Кајмакчалан. На спомен-плочата се посочува дека 3.000 италијански војници ги загубиле своите живот, а имало и 5.000 повредени и исчезнати. (А.Б.)