Вандали го оштетиле споменикот „Руски крст“ во Битола
БИТОЛА – Вандали искршиле неколку од гранитните плочи кои се дел од споменикот „Руски крст“ во Битола, подигнат во Градскиот парк. Утрово плочите беа на земја, а оштетени се и скалите. Споменикот на „Руски крст“ е подигнат на 8 август 2003 година во чест и слава на рускиот императорски конзул во Битола Александар Аркадиевич Ростковски по повод 100 годишнината од неговата смрт.
Ваквото деструктивно однесување на групи и поединци во Битола сѐ повеќе зачестува, мета на напади и по неколку пати во годината е и споменикот на „Италијанските војници на Македонскиот фронт 1916-1918“, кој се наоѓа на само неколку метри од Рускиот крст.
Многу често на удар на вандали се и спомениците на народните херои и борците од НОВ каде само пред неколку недели со спреј беа исчкртани мермерните плочи и бистите.
Досега полицијата не соопштила дека ги открила сторителите на претходните инциденти, а битолчани на социјалните мрежи апелираат да се вратат позорникарите во Градскиот парк и Шеталиштето. (А.Б.)