Вакцината против корона вирусот ја примија многу светски функционери


Веднаш откако фармацевтските компании по одобрувањето на вакцината против Коовид-19 почнаа со првите испораки ширум светот, вакцината ја примија многу лекари, епидемиолози и политичари.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се вакцинираше против коронавирусот во директен телевизиски пренос, станувајќи првиот Израелец и еден од првите светски лидери кои ја примија вакцината против Ковид-19.

Нетанјаху рече дека сака да биде првиот примател во земјата кој ќе даде „личен пример“ и ќе ги ги охрабри Израелците да го сторат истото.

– Верувам во оваа вакцина, рече тој пред да добие доза од вакцината на Фајзер/БиоНТек во медицинскиот центар Шеба во близина на Тел Авив.

Новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден исто така ја прими првата доза од вакцината против коронавирусот на Фајзер во директен телевизиски пренос за да ја охрабри јавноста да го стори истото.

Бајден од болницата во Њуарк во американската сојузна држава Делавер ги повика сите Американци да ја примат вакцината кога ќе им биде достапна.

Неговата сопруга Џил Бајден, која ја прими вакцината порано истиот ден, беше покрај него.

Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи ја прими првата доза од вакцината против коронавирусот што ја направи компанијата Модерна.

Фаучи ја прими вакцината во Националниот институт за здравство (НИХ), а целиот настан беше пренесуван во живо на национална телевизија како дел од обидот да се убедат Американците дека вакцината е безбедна и ефикасна.

Фаучи ја прими вакцината заедно со директорот на институтот, Фенси Колинс и министерот за здравство, Алекс Азар.

И потпретседателот на САД Мајк Пенс беше вакциниран против Ковид 19 пред телевизиските камери за да ги убеди Американците дека вакцината е безбедна.

– Не почувствував ништо. Одлично направено, рече Пенс откако беше вакциниран и процени дека брзината со која се развила вакцината е „медицинско чудо“.

На настанот во Белата куќа вакцината ја примија и сопругата на Пенс, Карен и главниот функционер за здравство на САД, Џером Адамс.

Спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, исто така примија вакцина против коронавирусот.

Српската премиерка Ана Брнабиќ беше првиот европски лидер што прими вакцина против Ковид-19.

Вакцина против коронавирусот примија и словачката претседателка Зузана Чапутова, како и министрите во Владата на Словачка и поранешниот шеф на државата Рудолф Шустер.

– Верувам дека ова е здив на слободата, рече Чапутова, додавајќи дека интервенцијата била брза и поминала без никакви проблеми.

Вакцината, развиена од Фајзер и Бионтек во Братислава, ја примија и потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ, потпретседателите на Парламентот Јурај Шелига и Габор Грендел, како и министрите за правда, култура, образование, труд и транспорт. По нив во разни градови се вакцинираа сите повисоки функционери.

Вакцината против Ковид-19 ја прими и чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој стана првиот чешки граѓанин што се вакцинира против Ковид-19.

Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу е првиот политичар во Грција што ја прими вакцината на Фајзер/БиоНТек против Ковид-19, а половина час подоцна се вакцинираше и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Рускиот претседател Владимир Путин најверојатно „во блиска иднина“ ќе ја објави одлуката за примање вакцината против коронавирусот, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Треба да очекуваме претседателот да ја објави одлуката во блиска иднина, рече Песков во интервју за телевизијата „Русија 1“.

Претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, канцеларот Себастијан Курц и министерот за здравство, Рудолф Аншобер, рекоа дека ќе се вакцинираат.

Сепак, тие посочуваат дека нема да бидат меѓу првите, иако претседателот, кој има 76 години, спаѓа во ризична група.

– Ќе се вакцинирам откако ќе дојде мојот ред, рече тој.

Политичарите посочуваат дека не сакаат да се вакцинираат меѓу првите за да не се добие впечаток дека се води политика на привилегирани.