Утре Скопје блокирано, поради протест на семејствaта на осудените во „Монструм“

Како што најави роднина на еден од осудените во случајот „Монструм, утре во Скопје тие ќе одржат протест.
Судот донесе одлука дека осудените треба да одат во притвор до правосилност на пресудата, откако Обвинителството го побара тоа, бидејќи постои можност за бегство.
Пресуда доаѓа по девет години од убиствата кај Смилковско Езеро. Ова беше повторено судење, со исто обвинение за тероризам и помагање и истите обвинети. Алил Демири и Африм и Агим Исмаиловиќ се осудени на доживотен затвор за убиство на Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски, момчиња на возраст од 18 до 21 година и 45-годишниот Борче Стефановски, кој пред да биде убиен рибарел на езерото. Убиствата се случија на 12 април 2012 за верскиот празник Велигден.
Утре со почеток во 13 часот ќе се одржи најавен јавен протест кој што ќе започне во парк Чаир на бул. „Христијан Тодоровски Карпош“, а ќе продолжи кон Основен суд Скопје 1 на бул. „Гоце Делчев“, Собрание на Република Северна Македонија на ул. „11-ти Октомври“ и Влада на Република Северна Македонија на бул. „Илинден“.
Министерството за внатрешни работи информира дека поради тоа, затворени за сообраќај од 13 часот до завршување на протестот, ќе бидат следните улици: – ул.„Х.Т.Карпош“,ул. „Џон Кенеди“, ул. „Цветан Димов“, бул. „Крсте Мисирков“, бул. „ Гоце Делчев“, ул. ,,11-ти Октомври“, ул. „Васил Главинов“, бул.„ ВМРО“, бул. „Илинден“ и други околни сообраќајници.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.