Усвоен амандман за пренамена на финансиски средства за Собранискиот канал
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжи амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година.
Пратеникот Сали Мурати поднесе група амандмани со барања за обезбедување финансиски средства од 11 милиони денари за зајакнување на институционалните капацитети на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со барања за нови вработувања во институцијата и финансиска конструкција за соодветни очекувани резултати.
Мурати во образложението на поднесените амандмани истакна дека се работи за важна уставна институција, последна со инстанци пред правна разврска, потоа зборуваше за нејзината меѓународна димензија, како и дека се работи за кадровско зајакнување на службениците во Комисијата, сето во насока на исполнување на критериумите за евроатлантска интеграција.
– Со одобрување на средствата обезбедуваме намалување на времето на обработка на предмети, зголемување на процентот решени предмети, обезбедување специјалистички објави за разни видови дискриминација…Ќе се обезбеди и соодветна територијална достапност на институцијата за граѓаните, особено во руралните средини, рече тој.
Соодветните алатки насочени кон скратувањето на времетраењето на судските постапки по предмети за дискриминација, како што рече, само по себе може да спречи одлив на половина милон евра, што дополнително го оправдува барањето за усвојување на амандманите.
– Осумдесет проценти од граѓаните не ни знаат дека постои институција што ги брани од дискриминација. Граѓанинот не не знае дека системот обесправува. Инвестицијата во оваа Комисија ќе ја зајакне довербата меѓу заедниците, што е европска придобивка, рече меѓу останатото Мурати.
Во реплика пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нема дискриминација на претставниците на турската заедница во државата, за што како потврда го посочи фактот што токму Мурати бил судија, дури и претседател на Уставниот суд. За забелешките на Мурати за несоодветна застапеност на припадниците на турската етничка заедница во актуелната власт, таа истакна дека токму сегашната опозиција била категорично против една изборна единица.
Со образложение на претставникот на Владата дека со буџетот на државата се обезбедени средства за плати на вработените во Комисијата за заштита од дискриминација, не беа прифатени поднесените амандмани.
Пратеникот Мурати со амандман побара и финансиски средства за зајакнување на капацитетите на Уставниот суд, институција чија независност, како што рече, е ограничена дури и со недостиг од превозни средства.
– Сакаме пофункционални судови, постапно зајакнување на нивните капацитети, а Уставниот суд нема свое возило. Второто барање е во насока на зајакнување на едукација на кадрите од стручните служби во судовите. Со амандманот предвидувам 13 милиони денари за набавка на неколку возила, организирање едукативни работилници…рече Мурати забележувајќи на отуство на финансиска независност на Уставниот суд, како предуслов за негова фактичка независност.
Претставникот на Владата укажа дека има средствата издвоени за тековни расходи на Уставниот суд, а на самата институција останува да одлучи за што тие ќе бидат наменети, па и за наведените примери од поднесувачот на амандманот, така што истиот го посочи како неприфатлив.
Пратеничката Бети Стаменковска-Трајковска посочи дека опозициските пратеници манипулираат пред јавноста, со барања за средства за луксузни автомобили за установи, и со повеќе амандмани за иста проблематика.
– Овде треба одговорно да се однесуваме со финансиите, еднаш засекогаш. Верувам дека Уставниот и останатите судови ќе почнат одговорно и отчетно да работат… Доста ги трошиме парите и времето на граѓаните со шест дена работа, а денеска тука да следат неодговорно работење. Се предлагаат средства за изградба на велосипедска патека Охрид – Струга, со два амандмани… Што е тука поентата, дали се сака квалитетна расправа по буџетот или да се злоупотребува времето и финансиите на граѓаните, рече таа барајќи од опозициските пратеници да ги разгледуваат амандманите пред да ги поднесуваат.
Не беше прифатен амандманот поднесен од група пратеници на СДСМ, за определување дополнителни средства за припадниците на безбедносните сили, согласно одредбите предвидени со предлог-законот за правата на припадниците на безбедносните сили и загинатите бранители што веќе е во собраниска процедура.
Претставникот на Владата доставениот амандман го отфрли како несоодветно поднесен оттаму што, како што посочи, надлежни за сите расходи на МО и Министерството за внатрешни работи се планираат согласно актуелните законски решенија, додека по однос измените во легислативата средствата ќе се обезбедуваат дополнително.
Комисијата го усвои предложениот амандман поднесен од пратениците Антонио Милошоски и Африм Гаши, за пренамена на финансиски средства за потребите на работењето на Собранискиот канал, обезбедени преку донација од Швајцарија.
Инаку, поднесени се вкупно 307 амандмани на предлог-буџетот за 2025 година од кои 204 се на опозицискиот СДСМ.
Расправата за Предлог-буџетот за следната година во собраниската Комисија за финансирање и буџет треба да заврши најдоцна до 30 овој месец, по што продолжува на пленарна седница. Буџетот треба да биде изгласан во законска рамка до крајот на календарската 2024 година.