Уставните измени се блокирани, што сега?
ЕУ си го исчисти образот, ни даде шанса да почнеме преговори, а дали ние ќе правиме уставни измени или не, дали сакаме во ЕУ или не - веќе не е нивен внатрешен проблем, туку на Македонија.
Македонскиот парламент не ја изгласа вчера потребата за уставни измени со кои Бугарите треба да станат дел од Уставот на Македонија, или што би рекол Антонио Милошоски – и покажаа среден прст на Софија и на нејзините барања. За волја на вистината, гласање воопшто и немаше, па останува да им се верува на пораките од ВМРО-ДПМНЕ дека нивните позиции победиле, бидејќи при гласањето на дневниот ред сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ биле против расправата за ова прашање.
Супер за нив, бидејќи се чувствуваа многу загрозени и понижени од бугарскиот диктат, бидејќи можат да испреговараат подобро од „предавството“ на актуелната власт, бидејќи ја имаат професорката Гордана Силјановска Давкова која е решена да се справи со „австроунгаризацијата на Европската унија“, како што на времето Мартин Треневски ќе го менуваше начинот на гласањето во НАТО…И, што сега по ваквата победа, ако воопшто е тоа, бидејќи реално за да се стават на дневен ред уставните промени гласаа многу повеќе пратеници околку против, а двотретинско мнозинство во овој парламент не може да се постигне ни за цената на струмичката пиперка?
Наспроти целата драма кај нас, веста дека во Македонија се расправало за уставните промени и дека на тоа претходеа месеци и месеци политички препукувања а последниот ден и лавина од партиски соопштенија – не ја објави ама баш никој во Европа, па не наиде на којзнае каков одек ни во Бугарија. Едноставно, ЕУ си го исчисти образот давајќи ни шанса т.е. одлука како да почнеме преговори, си го симна од себе товарот од француското вето, си го одржа ветувањето, а дали ние ќе правиме уставни измени или не, дали сакаме во ЕУ или не – веќе не е нивен внатрешен проблем, туку на Македонија.
Иако од она сценарио што го видовме во Собранието впечатокот беше нејасен (сите дојдоа, немаше кавги, немаше навреди и надвикувања), дилемата сега е кој ќе биде наредниот развој на настаните и дали е ова крај за европските амбиции на Македонија, како што тврди претседателот Стево Пендаровски, а негира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски? Или поедноставно, ќе има ли втор чин од драмата наречена уставни измени и дали оваа „голема победа“ на ВМРО-ДПМНЕ е увод во некое идно ретерирање, под изговор дека нивните барања што досега не ги слушале, сега се задоволени?
Бидејќи во Македонија работите никогаш не се такви како што изгледаат на прв поглед, бидејќи едно се зборува а друго се прави зад сцената, како излез се навестуваат неколку можни опции – да има сепак гласање за уставни измени , да се бара решение на избори, да влеземе во политичка криза или да завршиме со бугарско сценарио.
Според она што како забелешки стигна од ВМРО-ДПМНЕ околу целиот процес на преговори со Бугарија и со ЕУ, се повторуваат неколку услови со чие можеби и формално исполнување ( ако се искрени во пристапот) може да се отвори патот за уставните амандмани. Иако од оваа партија има конфузија од сигнали, испаѓа дека за нив е важно да се обезбеди реципроцитет во признавањето на македонското малцинство во Бугарија така што Софија ќе исполни неколку од пресудите на Судот за човекови права во Стразбур. Што бара зад затворена врата ВМРО-ДПМНЕ не е јасно, но некои од политичките услови СДСМ и ДУИ покажаа дека се подготвени да ги исполнат, ако изгласаат уставни промени. Ако пак се суди по она што зборуваше Силјановска во Собранието, ним им пречи што ќе се интервенира во Преамбулата сугерирајќи да има промени само во членовите од Уставот.
Тоа што го нафрли дополнително сепак немаше врска со „бугарскиот диктат“ и беше насочено против ЕУ, иако од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека е лажна дилемата кој е за ЕУ а кој за блокада. Силјановска практично го спореше правото на ЕУ да бара уставни измени од Македонија однесувајќи се како Австроунгарија, па се повика на Лисабонскиот договор како аргумент против нејзините наводни „мешања во внатрешните работи на Македонија“, за да заврши со обвинувањето дека со преговарачката рамка Македонија се претвора во протекторат место во пристојна држава – практичко реторика која како да е произлезена од Будимпешта, а не од Белата палата. Така што, дилемата е дали било кој воопшто може да ги исполни условите што може да ги измисли ВМРО-ДПМНЕ , за да се спроведе гласање за потребата за уставни промени и за да не и го гледаме грбот на Албанија кога ќе ги почне преговорите и ќе тргне напред, а една третина од населението ќе почне да вади албански пасоши.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека единствено решение за ситуацијата е да има предвремени избори, но од власта тешко ќе им ги дадат ако не се обврзат да гласаат за уставни измени. Дури и да им ги дадат, тоа нема да го реши проблемот со закочената евроинтеграција на државата. Иако анкетите одат во прилог на победа на ВМРО-ДПМНЕ, партиите толку се намножија, што идниот парламент ќе биде уште покомплексен и понестабилен. Ако сепак се случи ВМРО-ДПМНЕ да има комотно мнозинство , последно што ќе прави Мицкоски или кој и да е ќе биде влегувањето во ЕУ, иако се неограничени можностите за глумење на спротивното. Бидејќи веќе беа на власт и веќе видовме како ја спроведуваат ЕУ агендата… Така што, илузија се очекувањата дека Мицкоски ќе преговара за некаква нова преговарачка рамка, па и да преговара – прашање е дали воопшто таа ќе биде подобра, со големи шанси да биде и полоша, бидејќи на крајот повторно треба да ја прифати Софија. Во исто време ЕУ ќе нема време да се занимава веќе со Македонија бидејќи ќе има избори, САД исто така, па Македонија ако сака нешто да исправа ќе ја нема евопската заштита зад себе и ќе мора уште подиректно да се соочи со Бугарија, која пак исто така ја очекуваат избори. Бидејќи аргументите на ВМРО-ДПМНЕ сега се дека над 80 отсто од граѓаните се против уставните измени, прашање е како ќе ги задоволат другите 80 отсто кои, сепак ,се за влегување во ЕУ, ако самите го кочат процесот?
Ако наредните месеци нема ни гласање, ни предвремени избори, сосема извесно е дека ќе останеме и без европерспектива и без стабилни институции и додека тоа ќе и оди во прилог на опозицијата, цехот ќе го платат граѓаните кои ќе се соочат со нефункционална држава и политичка поларизација. Сосема извесно ќе се наруши и внатрешната стабилност бидејќи Албанија ќе се одалечува и ќе оди напред, а тоа ќе ги зголеми меѓунационални тензии кај нас дома. За очекување е дека се повеќе партии ќе одат на избори со анти-ЕУ реторика бидејќи тоа се купува во моментов, а тоа пак дополнително ќе ја зголеми внатрешната дезориентација, бидејќи ќе бидеме за ЕУ и уште повеќе против ЕУ. Бугарското сценарио е најневеројатно и се сведува на тоа меѓународната заедница да влијае да се расчисти ситуацијата кај нас на начин како што се расчисти во Бугарија, со голема коалиција или нешто слично.
Ако е реална, пак, статистиката дека огромно мнозинство од граѓаните навистина сакаат Македонија да влезе во ЕУ и да стане европска држава, ова што се случи во парламентот треба да ги загрижи. И СДСМ прави предизборни калкулации како и останатите партии, и ако дефинитивно заклучи дека нема поддршка во јавноста за почнувањето на преговорите, нема да „сече вени“ за европската перспектива на Македонија бидејќи за неа плаќа превисока цена – односно и да се изгласаат уставните измени и да не се изгласаат, таа губи поддршка кај гласачите. Граѓаните најдобро знаат дека амбициите во Македонија од поодамна се приземјени, така што нема големи цели надвор од тие да се добие власт, функција, привилегија, тендер или да се поништи нечија судска пресуда. Ако Македонија си го избрише правецот по кој оди од независноста, прашање е која ќе биде идејата што ќе ја води и ќе ја држи обединета во иднина. Притоа, далеку под нивото на една европска држава е расправата дали да се исполнат услови за преговори со ЕУ или не да се приземји до толку што испаѓа дека е приватна работа на Димитар Ковачевски и на тие околу него заради лична корист. Да не беше поддршката на ЕУ и на САД Македонија одамна ќе беше политички и морално банкротирана, а ако ја нема во иднина ќе банкротира и во вистинска смисла бидејќи и досега во голема мерка е на „цуцлата“ од Брисел, било енергетска, било пандемиска, било буџетска… Победа што значи пораз може да извојува секој во Македонија, но она што ни треба е решение како да тргнеме напред.