Уставниот суд спречи градење згради надвор од градско подрачје во Куманово


Фото: Б. Грданоски

 Во врска со предметот У.бр.82/2022 ве информираме дека Уставниот суд ја поништи Одлуката на Општина Куманово со која се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: „Одлука за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4” од 12 јули 2022 година. Поништен е и Заклучокот бр.08-5915/1 донесен на 12 јули 2022 година за објавување на Одлуката во која се содржани оспорените одредби.

Судот оваа Одлука ја оценува како спротивна на владеењето на правото предвидено во член 8 од Уставот, спротивна на член 51 и член 52 став 4 кој предвидува дека законите и другите прописи не смеат да имаат повратно дејство, како и спротивна на член 23 став 1, членот 24 и членовите 55 и 56 од Законот за урбанистичко планирање.

Имено, Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката.

Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици.