Уставен суд стави рамка на измените со кои се зголеми бројот на потписите за независните

Според претседателот на Уставнио суд измените за собирање потписи биле направени исклучиво во интерес на политичките партии


Фото: Б. Грданоски

Уставниот суд на денешната седница ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори. Со тоа ќе им се овозможи на независните кандидати и граѓанските листи полесно да дојдат до потребниот број потписи, а не во некои случаи тоа да биде невозможна мисија.

Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).

Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.

По седницата, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека судиите со мнозинска одлука ги укинале оспорените одредби од измените и дополнувањата на Изборниот законик, оценувајќи дека се направени во скратена постапка, нетранспарентно, без јавна расправа и дискусија на собраниска седница, непосредно пред одржувањето на изборите во 2024 година. Според него, се појавува сомнеж дека овие измени во суштина се направени исклучиво во интерес на политичките партии со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати на самиот почеток на изборната трка. 

Костадиновски, на прес-конференцијата нагласи дека станува збор за укинувачка одлука, а не за поништувачка одлука, што значи дека претходното правно правило не оживува и дека законодавецот „во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина“. 

„Во спротивно, евентуалното непостапување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреди на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот правен поредок“, изјави Костадиновски, нагласувајќи дека „во овој момент нема правно правило по кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите“.

Прашан како оваа одлука ќе влијае на претходните избори, Костадиновски рече дека одлуката нема ретроградно важење и стапува на сила од моментот на објавување со „Службен весник“.  

Уставниот суд, во поглед на формата, оценил дека измените на Изборниот законик не се технички, туку суштински. 

Костадиновски посочи дека станува збор за повреда на политичкиот плурализам, кој претставува темелна вредност на уставниот поредок. 

„Државата треба да овозможи ефективно изразување, подеднакви и фер услови на изразувањето на политичката мисла од било кого, не само за политичките партии, туку и од граѓани и интересни групи. Да обезбеди еднакви и фер услови за демократски и политички натпревар, што за жал со укинатите сега одредби не е сторено. Значи се повредува и пасивното и избирачкото право на граѓаните“, изјави Костадиновски. 

Со членот 17 е изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1.000 потписи за кандидатура, сега со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица. Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, па сега групата избирачи треба да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список.

Со тоа, на пример, во Градот Скопје една независна листа за советници, според досегашните правила, требаше да собере 1.000 потписи, а со новите ќе требаше да има над 4.500. Ако за поднесување независна листа за пратеници во која и да е од шесте изборни единици досега се бараа 1.000 потписи, со измените ќе беа потребни од 2.500 до 3.500, зависно од големината на изборната единица.

Во предлог-рефератот судијата известител изрази сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото. Исто така постои сомнеж дека е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок уреден со членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.

Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска и други, како група граѓани, преку полномошник, адвокатската канцеларија Петрушева од Скопје.

Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.