Уставен суд го укина членот од законот како се избира претседател на Судскиот совет

Уставниот суд денеска направи голема промена во начинот како се избира претседател на Судскиот совет со тоа што укина еден негов член. Досега овој член одредуваше дека претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас кои се избрани од страна на Собранието на Македонија. Сега Уставен суд го укина делот од Законот за Судски совет во кој стои „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“.
Судот оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседателот и негов заменик на Судскиот совет само на членовите кои се избрани од Собранието, додека останатите членови на Советот со право на глас се исклучени. Според Уставниот суд, укинатиот дел од наведениот член е спротивен на владеењето на правото и поделбата на државната власт.
Овој предмет е оформен уште во 2020 година, а претходно два пати беше одложуван поради недобиено мнозинство. Предметот У.бр.233/2020 е оформен по поднесена иницијатива од страна на Панче Докузов на 17.07.2020 година.