Уставен суд: Бензинската на „Пуцко-петрол“ е објект од класа Е и не може да се гради на локација наменета за зеленило


 

Уставниот суд најави прес-конференција на која ќе ги образложи одлуките кои ги донесе на денешната седница на која донел решение да се укине Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 04 блок 04.05 на Општина Карпош.

Во кратката најава за пресот додадоа дека Уставниот суд утврдил дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти.

Уставниот суд на денешната седницадонесе конечна одлука за предметот во кој е оспорен Деталниот урбанистички план со бензинската пумпа на „Пуцко петрол“ во Општина Карпош.

Портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска, денеска на брифинг со медиумите информираше дека Судот од утврдената фактичка состојба и анализирана документација, утврдил дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от, бидејќи се предвидува изградба на бензинска станица, која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти.

Поконкретно просторот каде се планира изградбата на бензинската пумпа е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура.

– Уставниот суд оцени дека со вака донесената одлука на Општина Карпош, се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, кои што се предвидени во Уставот. Но, исто така, направена е и повреда од членот 4 од Законот за урбанистичко планирање, бидејќи донесениот ДУП не е во согласност со ГУП-от, изјави Беловска.

Уставниот суд за ова прашање одлучуваше по поднесена иницијатива од Наташа Шурбановска на 3 април 2022 година.

Во однос на прашањето за евентуална отштета зошто не е изградена бензинската пумпа, кој гради и што гради, Беловска рече дека таквите прашања и информации не се земени предвид со оглед на тоа што надлежност на Уставниот суд е да одлучува дали некој закон е во согласност со Уставот и дали некој пропис, како што е одлуката за ДУП-от е во согласност со Законот и Уставот. 

Во иницијативата е наведено дека оспорениот Детален урбанистички план ги руши темелните вредности врз кои е заснован уставниот поредок и дека донесената Одлука мора да биде во согласност со ГУП на Град Скопје, бидејќи просторот од градска четврт кадешто е предвидено да се гради бензинска пумпа е планиран за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, а тоа се објекти за домување и делумно комерцијални објекти, но не и објекти со класа на намена Е-инфраструктура во која влегуваат бензински пумпи. Се наведува дека не постојат услови за комунална супструктура за намена на објекти како бензинска пумпа и секоја таква градба би ја загрозило инфраструктурата и може лошо да влијае на здравјето на луѓето и на животната средина.

Општината Карпош во два наврати донесе Детален урбанистички план со кој предвидува бензинска пумпа, а инвеститорот „Пуцко Петрол“ го купи државното земјиште и со години не гради и се обидува преку судски пат да извлече милиони евра од општинскиот буџет.

Одлуката отвора и можност инвеститорот „Пуцко петрол“ да поведе нова постапка доколку планот биде поништен и како и пред неколку години да бара отштета од десетици милиони евра за изгубена добивка од бенизнска пумпа која не ја ни почнал.