Успешна хуманитарна новогодишна забава пред „Капитол“
Во духот на новогодишните празници и празнувањето, Општина Аеродром пред платото на „Капитол мол“, денеска организираше незаборавен хуманитарен настан, со цел преку песна и забава да се сподели предпразничната еуфорија со секого, а воедно преку донации да се помогне на социјално загрозени семејства.
Имено, децата од предучилишна и училишна возраст од општината имаа можност да се веселат и радуваат на забавата проследена од магионичарски перформанс, најактуелниот детски анимиран лик во државата и познати македонски музички ѕвезди.
Водител на настанот беше Марко Новески, кој официјално го прогласи настанот за започнат со забавно празнично шоу со жонглирање и магионичарски трикови.
Забавата продолжи со настап на познатиот детски лик Биби од образовната платформа „Светот на Биби“. Присутните имаа можност да се забавуваат со одличен избор на музика преку настапите на Панчо од ДНК, Таско и Лина Пејовска, а свој настап имаа и Sarah Mace and The Christmas Girls, кои со изведбата на а капела празнични песни, дополнително ја збогатија предновогодишната атмосфера во општината.
За време на хуманитарниот настан, сите присутни имаа можност со купување новогодишни честитки да донираат финансиски средства во кутијата за донации и да им помогнат на најранливите категории на жители во општината. Средствата собрани од настанот, ќе бидат донирани на социјално загрозени семејства од Општина Аеродром.
Дополнителна поддршка за оваа хуманитарна иницијатива дадоа и Бомбакис и Боемот.
Настанот беше организиран од страна на Општина Аеродром, а истиот беше поддржан од Capitol Mall, DoubleTree by Hilton Hotel и Ramstore.