Усогласени нови правила за зголемување на безбедноста на патиштата во ЕУ


Преговарачите на белгиското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент доцна синоќа постигнаа договор за измени на Директивата за прекугранична размена на информации за сообраќајни прекршоци поврзани со безбедноста на патиштата од 2015 година, со кои треба да се зголеми нивото на безбедност на патниот сообраќај во Европа. 

Според белгиски вицепремиер и министер за мобилност Жорж Жилкине со измените се воспоставуваат построги и поефикасни правила за спроведување на казните за сообраќајни прекршоци, кои ќе ја подобрат безбедноста на европските автопати и ќе гарантираат побезбедни и позелени станбени реони низ ЕУ.  

– Ревидираната легислатива, исто така, обезбедува еднаков третман за сите возачи во ЕУ, без оглед на нивната националност. Воодушевени сме што постигнавме брз договор со Европскиот парламент за ова досие, додаде Жилкине. 

Измените се дел од т.н. законодавен пакет за „безбедност на патиштата“ и една од нивните главни цели е да обезбеди дека возачите кои не се резиденти ќе ги почитуваат сообраќајните правила кога возат во други земји членки на ЕУ. 

Со измените, меѓу другото, се дефинираат и нови построги санкции за сообраќајни прекршоци како за забрана за пристап на возилата, за движење преку железнички премин, за преминување преку полна линија, за опасно претекнување и паркирање, за возење во погрешен правец, за управување на преоптоварени возила, како и за бегство по сообраќајна несреќа. 

Дополнително, со измените се појаснуваат на различните процедури поврзани со пристап до податоците за регистрација на возилата и за размена на информации за идентификација на сторители на сообраќаен прекршок, но се воспоставуваат и мерки за заштита на основните права на возачите и спречување на злоупотреба и заштита на личните податоци на лицата вклучени во сообраќајни прекршоци. 

Договорениот текст на законските измени сега треба да биде одобрен од страна на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент, пред неговото официјално усвојување. Белгиското претседателство најави дека има намера што е можно поскоро да го достави компромисниот текст на одобрување до Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер).  

Усвоените измените ќе стапат во сила 20 дена по нивното објавување во Службениот весник на ЕУ, по што земјите членки ќе имаат рок од 30 месеци да ги вклопат во нивните национални законодавства.