Уште нема договор со банките за унгарскиот кредит, Мицкоски сака на состанок да им каже „некои работи“


Во врска со кредитот за компаниите од унгарскиот заем, премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека ѝ дал насока на министерката за финансии во недела во 12 часот во Министерството за финансии да организира состанок со банкарската асоцијација на кој ќе присуствува и тој.

„Ќе им кажам уште некои работи на состанокот, а дотогаш имаме уште неколку консултации. Суштината е дека ние кога го земавме кредитот заедно со банките работевме на случајот тие да не бараат дополнителни трошоци. Мислевме дека треба заеднички да го споделиме како ризик, бидејќи секогаш кога ќе ме прашаат како да помогнеме – еве како, еве начин како, вака се помага. Со муабети и тапкање по рамо не се помага. Ајде заедно со државата да го споделиме и овој ризик. Мислевме дека и тие треба да бидат општествено одговорни, бидејќи како влада ниту имаме братучеди, ниту имаме браќа коишто водат бизниси па да бараме меки кредитни линии од банкарите, ние ништо не бараме. Еве петти месец сме влада бараме за граѓаните затоа што на крајот на денот кога ќе ја помагате македонската економија вие ги помагате граѓаните. Ова е начинот да си помогнеме сите заедно“, потенцира Мицкоски.

Сепак, додаде, и досега кога државата давала вакви меки кредитни линии секогаш безусловно ја прифаќала каматата и за тоа вкупно се потрошени околу 650 милиони евра.