Уште неизбрани, неколку еврокомесари под истраги

Неколку кандидати – вклучително и претседателката на Европската комисија, наскоро ќе се соочат со испрашувања од страна на властите, покрај со оние од страна на претставниците на Европскиот парламент. Наспроти Жан Клод Јункер, кој го нарекуваше својот тим во Комисијата „Последна шанса“, неговата наследничка Урсула фон дер Лејен би можела да заврши како предводник на „Комисија на невини додека не се докаже дека се виновни“.

Покрај тоа што ќе бидат сериозно испрашувани од членовите на Европскиот парламент кој треба да ги потврди нивните именувања, Фон дер Лејен и некои од нејзините кандидати најверојатно ќе бидат обвинети во наредните недели и месеци од истражители и парламентарни комитети, како дел од тековните истраги против нив во Брисел или во нивните матични земји – кои во некои случаи се закануваат да ги проблематизираат нивните кандидатури.

Така, уште во вторникот, додека Фон дер Лејен се подготвуваше да го објави својот список на комесари на прес-конференција во Брисел, во полициска станица се појави една од најистакнатите кандидатки на нејзината листа, Силви Гулард, поранешна француска министерка за одбрана и поранешен европратеник, која е обвинета дека заедно со други француски европратеници вработувале асистенти со фондови на ЕУ, а тие всушност работеле за нивните национални партии во Франција.

Гулард, близок соработник на претседателот Емануел Макрон, даде оставка како министер за одбрана во јуни 2017 година за да се брани во судскиот случај, откако на Европскиот парламент му врати 45.000 евра. Нејзиното појавување на сослушувањето, придружувана од адвокат, во текот на истиот ден кога нејзиното име беше објавено како кандидат за иден еврокомесар надлежен за внатрешниот пазар, покажа што сметаат лидерите на ЕУ дека е примарна придобивка од членството во Унијата и наедно беше драматична илустрација на правните проблеми со кои се соочуваат некои од тимот на Фон дер Лејен.

Бидејќи Гулард сепак не е единствената во ваква неволја.
Рована Плумб, предложената комесарка за транспорт, е министер ветеран во романската влада која беше спомената во случај на корупција во 2017 година и притоа беше обвинета дека ја втурнала својата Социјалдемократска партија во недозволена зделка со недвижнини, што вклучува сопственост на остров во реката Дунав.

И изборот на Фон дер Лејен за комесар за земјоделство, Јануш Војчичовски од Полска, е под истрага од Агенцијата за борба против измами на ЕУ за наводни патни нерегуларности за време на неговиот мандат како европратеник, од 2004 до 2014 година. Таа истрага и сериозноста на обвинувањата против Гулард од Агенцијата за борба против измами на ЕУ, ОЛАФ, го предизвикаа едно од најнезгодните прашања за новоизбраниот претседател за време на речиси двочасовната конференција за новинари во вторникот.

„Во вашиот тим има голем број комесари кои се проблематични, од кои неколкумина се предмет на испитувања или истраги на ОЛАФ“, рече еден новинар. „Зошто не ги исклучивте? Вака, вашата Комисија веќе на стартот ќе има нарушен имиџ, дека вклучува луѓе за кои постои сомневање дека извршиле измама, дури и ако се сметаат за невини.“

При поставувањето на прашањето, известувачот потсети на Комисијата на Жак Сантер која беше принудена да си даде оставка во март 1999 година поради скандал со корупција, во чиј центар беше поранешната француска еврокомесарка Едит Кресон. Ова беше споредба што тешко дека сакаше да ја чуе Фон дер Лејен кога го објави својот нов тим, и покрај тоа што Плумб и Војчичовски негираа каков било престап.

„Нема да ги коментирам истрагите на ОЛАФ, бидејќи тој е целосно независен, тие ќе донесат заклучоци и ќе ги слушнеме што ќе кажат“, одговори Фон дер Лејен. „Секој е невин додека не се докаже спротивното, како што со право укажавте“, додаде таа.
Таа претпоставка за невиност е важна и за самата Фон дер Лејен, бидејќи и таа се соочува со негодувања во германскиот парламент поради обвинувањата за преголеми трошења и лошо работење за време на нејзиниот мандат во германското Министерство за одбрана, кое го водеше пет и пол години пред да биде предложена како прва жена што ќе ја предводи Европската комисија. Истражен комитет на германскиот парламент испитува како профитабилни договори на Министерството за одбрана им биле доделувани на дебело платени надворешни консултанти без соодветна контрола и дали неформалната мрежа на лични врски, која вклучува и некои службени лица од Министерството, ги олеснувала овие зделки. Комитетот планира да ја повика Фон дер Лејен во Берлин на испрашување, најверојатно во декември.

Иако скандалот во Министерството за одбрана беше познат од претходно, тој имаше мала улога во разговорите меѓу лидерите на ЕУ кога тие решија да ја предложат Фон дер Лејен за највисоката извршна позиција. Еден официјален претставник на ЕУ ја отфрли сугестијата дека Европскиот совет треба да биде повнимателен, велејќи дека е невозможно да се најде некој со кариера во политиката, кој не се соочил со некаква критика или обвинение.

На прес-конференцијата во вторникот, Фон дер Лејен на сличен начин се обиде да го искористи благословот на Советот за нејзините кандидати како доказ дека таа собрала силен список, иако призна дека на крај истрагите ќе кажат за тоа. Сепак, некои европратеници веќе ги донесоа своите пресуди за поконтроверзните кандидати на Фон дер Лејен.

Дачијан Циолос, поранешен романски премиер и комесар за земјоделство на ЕУ, кој сега е лидер на групата за либерално-центристичка обнова во Европа во Европскиот парламент, рече дека ја предупредил Фон дер Лејен да не ја прифаќа номинацијата на Плумб.

„Ја познавам Рована Плумб“, рече Циолос, отфрлајќи ги предлозите дека треба да ја поддржи поради некое чувство на национална солидарност. „Како можам да бидам сигурен дека таа ќе ги претставува европските вредности?“ порача тој.

Некои сепак сметаат дека проблематичните кандидати можат да добијат потврда полесно отколку што се очекува – како дел од договорот меѓу политичките групи да ги држат своите носови долу и да дозволат да се инсталираат кандидатите на сите во новата комисија. Но, првото сценарио, дека сослушувањата во ЕП ќе се претворат во жестока меѓупартиска пресметка – засега изгледа поверојатно. (Политико)