ИЕА: Ормуската Теснина може да се замени со алтернативни нафтоводи
Зависноста на глобалното снабдување со енергенси преку Ормуската Теснина би можела да се замени со алтернативни нафтоводи преку инвестиции проценети на 240 милијарди долари, како и нови извори на снабдување, се нагласува во годишниот извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објавен денеска.
Шефот на ИЕА Фатих Бирол изјави дека „можно е светот да се справи“ без Ормуската Теснина иако оцени дека тоа е тешко, но можно.
Бирол истакна дека не гледа сигурен начин за враќање на глобалното снабдување со енергенсите во состојбата во која било пред војната меѓу САД и Израел против Иран.
Во извештајот на ИЕА се вели дека враќање на рамнотежата на пазарите на нафта е можно, но дека тоа ќе биде скапо – околу 40 милијарди долари за изградба на нови нафтоводи и 200 милијарди долари за инвестирање во нафтени полиња во други делови од светот.
Се истакнува дека новите нафтоводи во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Ирак би можеле да ја зголемат количината на сурова нафта што минува низ теснината на околу 15 милиони барели дневно. Блокадата на Ормуската Теснина почна на 28 февруари, откако САД и Израел почнаа напади врз Иран, а Техеран одговори со затворање за поморски сообраќај. САД започнаа со спроведување поморска блокада на иранските пристаништа на 13 април.