Уште не зеле плата пожарникарите вработени за 24.000 денари од општините?


Илустрација Фото: Б. Грданоски

Во јуни Владата најави дека има намера да вработи 400 пожарникари низ целата земја, млади, здрави луше, кои ќе сакаат да бидеат обучени за справување со пожари, како мерка, оваа сезона да може да одговориме на предизвиците со гасење пожари. Во јули беше распишан конкурс, на кој се пријавија повеќе од 500 лица, од кои најмалку во Скопје, иако за главниот град се бараа 80 пожарникари. Конкурсот беше продолжен уште пет дена, затоа што дел од заинтересираните не биле пријавени во Агенцијата за вработување како активни баратели за работа, што беше услов, за ова вработување.

На реакциите од јавноста дека многу ниска ќе биде платата за младите кои би го ставале својот живот во ризик директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов велеше дека тоа е само почетно.

„Во Скопје имаме најслаб интерес, а во главниот град има најмногу жители. Јас апелирам граѓаните кои се здрави и физички спремни да се пријават на овој оглас. Знам дека сумата од 24.000 денари е мала, но ова е само почетна точка, најдобрите од нив ќе бидат вработени во Пожарните бригади, а во Скопје во новата специјална единица за заштита и спасување“, рече Ангелов.

Денеска пак, два месеца по завршување на огласот, СДСМ обзнанува дека ниту еден од овие пожарникари сѐ уште не зел плата.

„Им ветија обуки, ангажман, а на најдобрите и трајно вработување. Се спроведе селекција, се направи избор, се анжараа. Поминаа месеци. И што се случува со овие 400 пожарникари по општините? Според информациите кои до нас ги доставија свиркачи сите тие 400 млади луѓе што беа примени во август заклучно со 17 септември сè уште немаат земено ниту една плата! Извори во различни општини информираат дека исплатата е блокирана и не може да се реализира поради изборите, бидејќи станува збор за „вонредно плаќање““, рече денекса на прес-конференција Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Го прашаа премиерот Христијан Мицкоски, дали оваа информација е точна, а „ако се потврди, ова значи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ги излажала граѓаните, свесно ги излажала овие млади луѓе.Ги искористила за политичка реклама, а потоа ги оставила без денар. А граѓаните без потребната заштита“.