Уште еден фудбалски стрес тест на ЕВРО 2020 – Швајцарија го елиминира светскиот првак Франција


Репрезентацијата на Швајцарија приреди големо изненадување со пласман во четвртфиналето на Европското првенство откако во осминафиналето во Букурешт ја победи Франција по подоброто изведување пенали со 5: 4.

По 120 минути натпреварот заврши нерешено 3-3, откако Швајцарците се изборија за продолжување во последната минута од регуларниот дел.

Головите за Франција ги постигнаа Карим Бензема (57, 59) и Пол Погба (75), додека стрелци за Швајцарија беа Харис Сеферовиќ (15, 81) и Марио Гаврановиќ (90).
За време на изведување на пеналите, одлуката падна во петтата серија. Мехмеди погоди, а Сомер го одбрани ударот кон Мбапе.

Пред тоа, Гаврановиќ, Шар, Аканџи и Варгас погодија за Швајцарија, а Погба, Жиру, Турам и Кимпембе за Франција.
Швајцарија поведе во 15-та минута со голот на Харис Сеферовиќ. Во продолжението на првиот дел доминираа „триколорите“, но до крајот на полувремето резултатот не се промени.

Швајцарците можеа да го зголемат водството во 52 минута кога во нивна полза беше досудена најстрогата казна, голманот на Французите Лорис успеа да го одбрани ударот со неверојатна реакција. Аргентинскиот судија Фернандо Рапалини покажа на белата точка по асистенцијата на ВАР.

Наместо водство од 2: 0, Швајцарија прими два гола за само две минути, двата ги постигна Карим Бензема. Во 57. минута погоди за 1: 1 на асистенција на Килијан Мбапе, а две минути подоцна напаѓачот на Реал Мадрид ги доведе светските шампиони во водство по додавањето на Антоан Гризман.
Во 75-та минута Погба погоди за 3: 1 со фантастичен удар од повеќе од 20 метри, Сеферовиќ ја врати надежта за Швајцарија намалувајќи на 3: 2 во 81. минута, а напаѓачот на Динамо Загреб Марио Гаврановиќ израмни на 3-3 со удар од работ на казнениот простор во 90-та минута.

Бидејќи немаше голови во продолжението од половина час, прашањето за победникот беше решено со удари од белата точка.

Швајцарија во четвртфиналето ќе игра против Шпанија, на 2 јули, во Санкт Петербург, која ја победи Хрватска со 5: 3 во „луда“ игра по продолженијата.