Уште еден антикорупционер од САД во посета на Македонија


 

 Актуелни теми врзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување ефикасен систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси, беа во фокусот на разговорите на денешната средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со глобален координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент, Ричард Нефју.

На средбата, претседателот Пендаровски истакна дека борбата против криминалот и корупцијата, на секое ниво, вклучувајќи ја високата корупција, е од исклучително значење во напорите за градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите.

– Претседателот Пендаровски посочи на подготвеноста на државатаво согласност со националните приоритети, да ја продолжи соработката со САД во напорите за сузбивање на корупцијата, а во функција на унапредување на демократските процеси во државата преку овозможување на добро управување и владеење на правото, се наведува во соопштението од кабинетот на чефот на државата.

Пендаровски меѓу другото потенцира дека земјава високо ја цени поддршката и помошта што ја добива од САД во нејзините напори за подобрување во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата и изрази очекување таа да продолжи преку поддршка во градењето на капацитети.

Со американскиот гостин средба имаше и заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Таасе заблагодари за поддршката што Соединетите Американски Држави и ја даваат на Република Северна Македонија, особено во однос на имплементацијата на принципите за добро владеење, владеење на правото и дигитализацијата.
Грковска и гостинот од САД  разговарале за потребата од силен превентивен механизам кој ќе овозможи ефикасно справување со корупцијата и судир на интереси. Вицепремиерката Грковска информирала за процесот на подготовка на законската регулатива која треба да овозможи конфискација без осудителна пресуда, која е во завршна фаза.
Двајцата соговорници разговарале и за потребата од реформа на правосудниот систем и одговорноста што секој треба да ја носи во извршувањето на својата работа.

Во однос на дигитализацијата, за што САД дава голема помош и поддршка, вицепремиерката Грковска информирала дека Концептот за дигитална трансформација на општеството веќе е усвоен од Националниот совет за дигитална трансформација на општеството и е објавен на ЕНЕР за јавна расправа.