Уште двајца во Белата куќа позитивни на Ковид-19, во изолација и офицери на Пентагон
Еден ден по враќањето од болница на американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, медиумите објавија дека уште двајца вработени во Претседателството на САД се позитивни на коронавирусот.
Едниот е активен член на американските вооружени сили, кој го придружуваше Трамп на неговите патувања минатата недела, пишува Блумберг, повикувајќи се на неименуван извор.
Американските медиуми објавија дека вториот заразен со Ковид-19 е воен советник на Трамп.
Генералот Марк Мили, командант на Здружениот Генералштаб на армијата на САД, е во самоизолација по контакт со заразен офицер од Крајбрежната стража, изјави воен извор.
Пентагон соопшти дека неколку високи американски воени офицери се во самоизолација откако присуствувале на состаноци минатата недела со заменик- командантот на Крајбрежната стража, адмирал Чарлс Реј, кој е позитивен на Ковид-19.
„Поради претпазливост, сите потенцијални блиски контакти од овие состаноци се во самоизолација и се тестирани утрово. Ниту еден контакт со Пентагон не покажал симптоми и во овој момент нема дополнителни позитивни тестови за пријавување“, наведуваат од Пентагон во соопштение.
Крајбрежната стража соопшти дека Реј бил позитивен на тестот во понеделникот откако покажал благи симптоми и дека е дома во карантин.
Засега „нема промена во оперативната подготвеност или во способноста во мисиите на вооружените сили на САД“.
„Високите воени лидери се во состојба да останат целосно способни за мисија и да ги извршуваат своите должности од алтернативно работно место“, наведуваат од Пенгатон.