Уште четири дена аплицирање за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста


Компаниите што инвестирале за време на пандемијата со коронавирусот имаат уште четири дена да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост-ковид периодот. Со повикот државата предвидува финансиска поддршка од вкупно 20 милиони евра за сите компании кои годинава и покрај пандемијата и економската криза продолжија да работат и да инвестираат во раст и развој на својот бизнис.

Министерството за економија ги повикува сите вакви компании да го искористат последниот рок и да аплицираат на јавниот повик, кој е дел од третиот сет економски мерки за поддршка на економијата од последиците предизвикани од пандемијата, што беше објавен на веб-страницта на Министерството на 12 јуни 2020 година и трае до крајот на месецов. Досега во архивата на Мнистерството за економија се пристигнати над 300 барања од компании.

-На јавниот повик може да аплицираат компании кои имаат во реализација инвестициски проект, работат во производствени сектори кои се дефинирани како производство, освен оние кои се исклучени од оваа можност согласно Законот за контрола на државна помош, деловни субјекти што вршат дејност трговија, доколку инвестираат во основни средства, вршат дејности од областа на информациско-комуникациски услуги, доколку инвестицијата опфаќа воспоставување на нова организациона единица за технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение, потсетуваат од Министерството за економија.

Главната цел на оваа мерка, потенцираат, е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување – зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за опоравување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот од јули до декември 2020 година.

-Висината на финансиската поддршка ќе изнесува 25 отсто од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои во 2019 година оствариле вкупен приход не повисок од еден милион евра, до 100.000 евра за компании кои имале вкупен приход од еден до 10 милиони евра, до 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра и 200.000 евра за сите компании кои оствариле вкупен приход повеќе од 50 милиони евра во 2019 година, прецизираат од Министерството.

Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31 јануари 2021 година да достави извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази дека се реализира во рамките на инвестицискиот план за кој е исплатена инвестициската поддршка. Финансиските средства ќе се добијат во моментот кога ќе се аплицира со финансискиот план, а ќе се чека на реализација до крајот на наредната година.

-Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80 отсто од вредноста на инвестицијата треба да ги врати средствата не подоцна од 1 март 2022 година, нагласуваат од Министерството за економија.