Уредена средишната жардиниера на булеварот „12.Македонска бригада“


Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“, по налог на Град Скопје, изминативе денови ја реконструираа средишната жардиниера на булеварот „12.Македонска бригада“, во општината Аеродром.

На површина од 2.761 квадратен метар жардиниерата беше пополнета со квалитетна почва, беше поставен нов систем за полевање капка по капка и беше засеана трева. Во средишното зеленило, денеска ќе се засадат 17 садници од видот каталпа.

Уредувањето и обновата на постојното зеленило во градот и подигањето нови зелени површини е приоритет на Градот Скопје за да се обезбеди чиста и здрава животна средина. Во таа насока, екипите на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве работат на уредување и подигање нови зелени површини во повеќе делови од градот.

Како што вчера најави градоначалничката Данела Арсвоска, од Бутел започна акцијата за хортикултурно уредување со формирање на зелен коридор на улица „Бутелска“. На површина од 1.496 квадратни метри започнува обновувањето и засадувањето нова тревна површина и одржување на вегетацијата.

-Во Скопје секоја година ќе се засадуваат по 100 илјади нови садници. Започнавме со спроведување на овој проект, а денеска отпочнуваме со работа во Бутел, каде што со засадувањето нови садници позитивно ќе влијаеме врз животната средина, но и ќе ја превенираме можноста за непрописно паркирање- изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Реализацијата на зелениот коридор во Бутел ќе се одвива со фрезирање на постојната подлога, нанесување нова квалитетна почва, поставување систем за полевање и садење ново зеленило.

На новата уредена зелена површина ќе се засадат листопадни и зимзелени садници и украсни грмушки.