Ураганите како метеоролошка појава

Додека ураганот Дориан беснее над Бахамите во југоисточните американски држави Флорида, Џорџија и Јужна Каролина се евакуира населението. Поради налетот на Дориан американскиот претседател Доналд Трамп претходно прогласи вонредна состојба на САД. Тоа е ураган од петта категорија – што значи дека може да предизвика катастрофални нивоа на уништување,

Но, Флорида во септември 2017 година беше погодена од најсилниот ураган Ирма  во историјата откако се почнати мерења над Атлантскиот Океан, но не и прв кој ја погоди таа американска држава.

Во август 1992 година Флорида беше погодена од ураганот Ендрју, од кој загинаа 65 лица, оштетени се над 120.000 куќи, а целосно се уништени околу 20.000 домови.

Ураганите се метеоролошка појава која се состои од брзи ветрови пропратени со дожд. Тие можат да траат и до неколку недели.

Ураганите се најголемите бури, а воздушниот вител урива се пред себе. Темните облаци и ветрот го најавуваат ураганот, кој во разорната патека може да помине повеќе илјади километри.

Во суштина тие се бури кои брзо ротираат, а се карактеризираат со низок притисок во центарот, силен вител, чија оска е во средиштето на ураганот и спирален пренос на облаци со грмотевици, кои носат големо количество дожд.

Вителот се формира над големите пространства на релативно топла вода. Ураганот енергијата ја добива од испарување на водата од површината на океаните, по што настануваат облаци и дожд, кога ќе се олади влажниот воздух.

Во зависност од силата и локацијата, ураганите различно се нарекуваат, па така над Атлантски Океан и североисточниот дел на Тихи Океан се урагани, тајфун – северозападен Тихи Океан, тропска бура и циклон – јужен Тихи Океан и Индиски Океан.

Сафир-Симпсоновата скала

Според силата ураганите различно се класифицираат, но најчесто се користи Сафир-Симпсоновата скала (ССХС) според непрекинатата брзина на движењето на ветерот. За некој ветер да биде ураган неговата брзина минимум треба да изнесува 119 километри на час. Најголемата петта категорија на ураган е таа чиј ветер се движи со брзина поголема од 252 километри на час.

Ураганите најчесто се формираат кон крајот на летото на двете   хемисфери, а сезоната на ураганите на северната хемисфера обично е во првата половина на септември.

Ураганот почнува да се создава над Атлантски Океан, илјадници километри далеку од западниот брег на Африка. Го создаваат мали нарушувања во млазната струја на воздухот, кои патуваат од исток кон запад над Африка. Нарушувањата, што научниците ги нарекуваат источни бранови, можат да бидат предизвикани дури и од чекор на дете во песокот на пустината. Од тоа може да се создаде мал вител од песок кој потоа може да предизвика развој на облаци на бура во атмосферата. Низата облаци на бура евентуално можат да се развијат во мал организиран систем на облаци со грмотевици. Таквите системи патуваат кон запад и кога ќе дојдат во допир со топлите води на Атлантски Океан можат да се претворат во големи тропски бури, а потоа дури и во урагани.

Ураганите се „хранат“ со влажен воздух над загреаните води на океаните во екваторијалното подрачје. Топлиот воздух се крева над површината од океанот. На тој начин над морето се создава недостиг на воздух, што значи се намалува притисокот. Тоа предизвикува зајакнување на струењето од околните подрачја со повисок притисок во кој се формира ураганот. Новодојдениот воздух исто така се загрева и се крева. Топлиот влажен воздух се крева во височина и се лади, влагата во него се кондензира и се создаваат дождовни облаци.

Како добиваат имиња 

Праксата за именување на ураганите со женски имиња ја започнуваат американските војници кои се бореле за време на Втората светска војна над Тихиот Океан, каде настануваат најголемиот број урагани. Но, Метеоролошката служба на САД во 1979 година одлучи на листата на имиња на ураганите да стават и машки имиња, за да се испочитува рамноправност меѓу половите.

Постојат вкупно шест листи за ураганите над Атлантски Океан и тие ротираат секоја година. Од листата се исфрлуваат имињата на ураганите што предизвикале голема штета. Таквата пракса е со цел да не се предизвика паника кај населението.

Факти за ураганите:

1 – Ураган е форма на тропска бура што се создава над топли океански води во источниот дел од Тихиот Океан, Карипското Море, јужниот дел од Атлантскиот Океан и Мексиканскиот Залив. Кога ветровите на тропска бура се под 60 км/час, се нарекува тропски циклон, и кога ветровите достигнуваат меѓу 60-117 км/ч, се класифицираат како тропска бура. Кога ветровите надминуваат 117 км/ч, се класифицираат како ураган. Научниците не се сигурни што ги предизвикува ураганите, но двете неопходни „состојки“ се ветар и топла вода на океанот.

2 – Скалата за урагани „Сафир-Симсон” ја дефинира силата на урагани по категории.
– Бура од категоријата 1 е најслаб ураган со брзина на ветерот помеѓу 117-150 км/ч;
– Категоријата 2 има брзина помеѓу 150-177 км /ч;
– Категоријата 3 има брзина помеѓу 177-207 км/ч;
– Категоријата 4 има брзина помеѓу 207-250 км/ч;
– Категоријата 5 има брзина поголема или еднаква на 250 км/ч

3 – Во 1953 година, САД почнаа да ги користат женски имиња за бури. Тоа е променето во 1978 година, а потоа и машки и женски имиња беа искористени за идентификување бури во северниот Пацифик. Имињата за атлантските бури се избрани од страна на Светската метеоролошка организација од листата на 21 имиња кои се на шестгодишна ротација. Ако бурата е толку смртоносна или предизвика големи штети што идната употреба на неговото име на друга бура би било несоодветно, името се „пензионира“ (околу 86 имиња се пензионирани досега).

4 – Ураганите предизвикуваат штета на четири главни начини: ветер, поплави предизвикани од поројни врнежи од дожд, торнадо и бура.

5 – Ураганите имаат значително влијание врз економијата. Не само што ја уништуваат личната сопственост, тие можат да влијаат врз производството на стоки и услуги со оштетување на машините, нарушување на локалната понуда на работна сила и нарушување на националните синџири на снабдување.

Се проценува дека двата главни урагани во 2017-ураганите Харви и Ирма – секој од нив предизвикале уништување имот вреден помеѓу 42,5 и 65 милијарди долари, што изнесува околу 0,2-0,3 проценти од БДП.

Од сите урагани во САД, Катрина (2005) предизвика најмногу економска штета – 192,2 милијарди долари.

Ураганот Харви (2017) е втор – 133,5 милијарди, ураганот Марија (2017) е рангиран на третото, ураганот Сенди (2012) е рангиран на четвртото место, а ураганот Ирма (2017) е петти. Ураганот Марија предизвика најмногу економска штета на Порторико и Девствените Острови.