Универзитетот „Свети Климент Охридски“ избран на Конкурсот за поддршка на универзитетите во рамки на Еразмус+


Европската комисијата ги објави резултатите од Конкурсот за Програмата Еразмус+ за 2023 година за „Иницијативата за европски универзитети“, која обезбедува поддршка на асоцијации на високообразовни институции, а меѓу избраните е и Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола како дел од асоцијацијата „Иновативено одржлива соработка на регионални универзитети“ (ЦОЛОУРС) заедно со универзитети од Полска, Хрватска, Шведска, Естонија, Италија, Германија, Франција и Летонија.

Целта на овој Конкурс е преку асоцијациите на европските универзитети да се обедини новата генерација на Европејци способни да студираат и работат во различни европски земји, на различни јазици и низ разлилни сектори и академски дисциплини. Благодарение на овие асоцијации, студентите можат да добијат дипломи со комбинирање на студии во неколку европски земји, што придонесува за меѓународната конкурентност на високообразовните институции во Европа.

На овој Конкурс, чии резултати беа објавени вчера, се избарни вкупно 50 универзитетски асоцијации со над 430 високообразовни институции од 35 земји – сите членки на ЕУ, како и од Северна Македонија, Исланд, Норвешка, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Турција.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, студентите од избраните универзитети ќе имаат пристап до уникатната транснационална и иновативна образовна програма, преку која ќе можат да се здобијат со основни вештини и занаења, а преку соработка со речиси 1.700 придружни партнери од невладиниот сектор, претпријатија, како и локалните и регионалните власти, 50-те асоцијации на европските универзитети ќе промовираат голем број иновации во европските региони.

Со вкупен рекорден буџет од 402,2 милиони евра за Програмата Еразмус+ за овој Конкурс, секоја од избраните асоцијации ќе добие до 14,4 милиони евра во наредните четири години. Во вкупните средства од 402,2 милиони евра за програмата Еразмус+ за периодот 2021-2027 година, се вклучени и 3,2 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) наменети за понатамошна поддршка на високообразовните институции од земјите од Западен Балкан во свосјтво на рамноправни партнери.

„Иницијативата за европски универзитети“ ја предложи Европската Унија на Социјалниот самит во Гетеборг во ноември 2017 година, како дел од визијата за создавање на Европски образовен простор до 2025 година. Европската стратегија за универзитетите има амбицијата до средината на 2024 година да поддржи 60 европски универзитети со повеќе од 500 високообразовни институции во рамките на Еразмус+ во тековниот програмски период 2021-2027 година.

Конкурсот за „Иницијативата за европски универзитети“ на Еразмус+ за 2023 година беше структуриран околу обезбедување одржливо финансирање за веќе постоечките успешни асоцијаии на високообразовните институции, кои сега се проширија со повеќе од 50 нови универзитети.