Уништен конвој на чеченски борци близу Киев, убиен и генерал

Чеченската гарда испратена да го убие Зеленски била разнесена заедно со конвојот на 56 цистерни за нафта


Убиениот генерал Магомед Тушаев

 

Чеченскиот генерал Магомед Тушаев е убиен во војната во Украина, објави на Твитер поранешниот амбасадор во Австрија, украинскиот политичар Олександр Шерба (51).

„Рускиот генерал од Чеченија Магомед Тушаев нема да се врати дома од Украина. Што изгуби во Украина, Магомед, а? Русијо, оди дома“, напиша Шерба на Твитер.

Според извори на Канал 24, украинската армија разнела ешалон од 56 руски цистерни со нафта, вклучувајќи го и убиениот генерал Магомед Тушаев, командант на 141-от моторизиран полк на руската чеченска гарда, елитни сили на шефот на чеченската држава Рамзан Кадиров.

Руските трупи влегоа во вториот по големина град во Украина, Харков, само неколку часа откако Украинците ги разнесоа чеченските борци испратени пред два дена да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски и други украински официјални лица.

Уништувањето на конвојот чеченски борци на 26 февруари во близина на Хостомел, кој се наоѓа на околу 20 километри северозападно од Киев, го потврдија и од кабинетот на украинскиот претседател, пренесува „Киев индипендент“.

Не е јасно колку Чеченци се убиени, но веројатно е дека има стотици.