УНИЦЕФ препорачува македонските татковци повеќе да си играат со децата


Во Македонија 57.2 отсто од мајките и само 5.4 отсто од татковците се вклучени во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3 до 4 години. Активностите опфаќаат читање книги, раскажување приказни, пеење песни, излегување надвор со детето, играње со детето, именување на нештата, броење или цртање заедно, покажуваат податоците што ги објави УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден на играта.

Оваа несразмерност, како што посочуваат од УНИЦЕФ, укажува на итна потреба да им се помогне на родителите и старателите – особено на татковците –со знаење/вештини и поддршка за вклучување во раниот детски развој преку игра.

„Програмите за родители кои промовираат учење преку игра и позитивно родителство не се само корисни – тие се суштински за спречување штетни практики. Ова е особено важно за Македонија, каде што 73 отсто од децата на возраст од 1 до 14 години се изложени на физичко казнување и психолошка агресија од страна на родителите и старателите, велат од УНИЦЕФ.

Дополнителен недостаток, како што посочуваат, е ограничениот пристап до организирано учење преку игра – помалку од половина од децата на возраст од 3 до 5 години посетуваат предучилишнo образование. Проширувањето на пристапот до предучилишно образование е клучно, а инвестирањето во квалитетни родителски програми го зајакнува раното учење преку поддршка на игривите интеракции дома.

Од УНИЦЕФ посочуваат дека родителството во кое свесно се користи играта за поврзување, учење и развој на детето не е само семејна работа – тоа е општествена инвестиција.

За секое дете да го ужива своето право на игра, а истовремено да се унапредат пошироките детски права и развој, владите, бизнисите и заедниците треба да понудат повеќе програми за родители што промовираат игра, безбедна приврзаност и позитивно родителство, вклучувајќи програми што се спроведуваат преку патронажните сестри, во училиштата и преку други услуги базирани во заедницата.

Воедно треба да се овозможи пристап до предучилишно образование и учење преку игра за секое дете од 3 до 5 години, така што ниту едно дете нема да биде лишено од еднакви можности за ран детски развој.

Исто така треба да се промовираат политики и стратегии што се ориентирани кон семејствата: платено родителско отсуство; поддршка за доење; детски додатоци; квалитетни, достапни и прифатливи услуги за деца како што се градинки; и ментална поддршка – за секоја мајка и татко да имаат време, можности и соодветна помош за да обезбедат нега и грижа што ќе го поттикне напредокот и успехот на децата.

Како препорака се посочува да се инвестира во безбедни, инклузивни и добро одржувани места за игра и игралишта во сите заедници.

На годинашниот Меѓународен ден на играта, под мотото „Избери игра – секој ден“, УНИЦЕФ ѝ се приклучува на светската заедница во прославата на трансформативната моќ на играта во животот на секое дете.