УНХЦР: Поради намаленото финансирање загрозени се над осум милиони бегалци
Речиси 8,3 милиони бегалци се во опасност поради континуираните драстични намалувања на средствата за поддршка и заштита на бегалците, се наведува во денеска објавениот извештај на УНХЦР.
Во документот „Ерозија на заштитата: Човечката цена на недоволното финансирање“ се посочува дека во периодот од 2024 до 2025 година достапните средства се намалиле од 5,2 милијарди долари на 3,9 милијарди долари.
На веб-страницата на Агенцијата за бегалци на Обединети нации е објавено дека организацијата до крајот на јули годинава добила само 32 проценти од 8,5 милијарди долари потребни за оваа година, и покрај зголемувањето на бројот на луѓе, кои имаат потреба од заштита од УНХЦР.
– Кога регистрацијата е суспендирана, засолништата се затвораат или службите за заштита на децата исчезнуваат, самите ризици од кои луѓето избегале, насилство, експлоатација и злоупотреба, повторно се појавуваат при раселување, држејќи ги семејствата заробени во циклус на ранливост, изјави директорка за надворешни односи на УНХЦР, Доминик Хајд.
Таа додаде дека намалувањата на средствата ги поткопуваат напорите за помош на раселените лица да се оддалечат од долгорочната зависност од хуманитарна помош.
Хајд ги повика донаторите и партнерите да обезбедат поддршка за да им помогнат на луѓето да ја надминат зависноста од хуманитарна помош и да ги обноват своите животи.