Унгарија испраќа нови полициски единици во Македонија и Србија


Со цел да се спречи влез на илегални мигранти на територијата на Европската Унија, унгарската полиција испраќа нови полициски единици во Северна Македонија и Србија, односно по 30 полицајци во двете земји. Од унгарската полиција велат дека со ова ги поддржуваат активностите поврзани со чување на границите на земјите од Западен Балкан.

На веб-страницата на унгарската полиција е наведено дека главна задача на полицијата е патролирање со цел спречување и откривање илегални мигранти, илегални гранични премини и криумчарење на луѓе.

„Нашите колеги нема да служат само во непосредна близина на границата, туку и во подалечни области. Екипите ќе возат во теренски службени возила, а ќе користат и рачни уреди за ноќно набљудување, како и рачни и мобилни термални камери“, се наведува во соопштението.

Унгарските полицајци ги извршуваат своите должности под контрола и надзор на органите за спроведување на законот на земјата домаќин.