УНДП: Поради Ковид-19, стапката на човековиот развој ќе почне да опаѓа за првпат од 1990 година


Стапката на глобалниот човеков развој – која може да се измери како комбинација од стандардите на образование, здравство и живеење низ светот – годинава може за првпат да опадне откако беше воведен концептот во 1990 година, предупреди денеска Програмата за развој на обединетите нации (УНДП).

– Светот се има соочено со многу кризи во изминатите 30 години, како што беше глобалната финансиска криза во 2007-2009. Секоја криза претставуваше удар за човековиот развој, но севкупно гледавме раст во стапката на развој од година во година, изјави  администраторот на УНДП Ахим Штајнер.

– Ковид-19 – како тројна закана за здравството, образованието и приходите – може да го промени овој тренд, додаде тој.

Падот во основните категории на човековиот развој се чувствуваат во повеќето земји, богати и сиромашни, во сите региони.

Бројот на починати од Ковид-19 во светот надмина 300.000, додека светскиот БДП по глава на жител годинава се очекува да падне за четири проценти.

Со затворањето на училиштата, УНДП проценува дека стапката на деца на возраст од основно образование кои моментално не следат настава, прилагодена за оние кои имаат интернет пристап, изнесува 60 проценти. Оваа стапка последен пат била толку висока во 1980-тите години.

Комбинираните последици на овие шокови може да го предизвикаат најголемото назадување во човековиот развој кое досега го имаме забележано.

Ова е без броење на други значајни ефекти, како врз напредокот кон родовата еднаквост. Негативните последици за жените се разновидни: намалена заработка и заштеда, намалена сигурност на работни места, намалено репродуктивно здравје, неплатена негувателска работа и пораст во родово базираното насилство.

Падот во стапката на човековиот развој се очекува да биде многу поголема во земјите во развој, кои се помалку способни да се справат со социо-економските последици од пандемијата.

УНДП проценува дека во земјите во развој дури 86 проценти од децата на одделенска и предодделенска возраст ефективно не следат настава, имајќи го во предвид затворањето на училиштата и големиот јаз во достапноста на онлајн учењето. Ова е наспроти само 20 проценти од децата на иста возраст во земјите со висока стапка на човеков развој.

Но со поеднаков пристап до Интернет, тековниот образовен јаз може да се затвори.

Решителни интервенции со фокус на правичност може да им помогнат на економиите и општествата да се обединат и да ги намалат негативните и далекусежни последици од пандемијата на Ковид-19.

– Оваа криза покажува дека ако не успееме да ја вклучиме правичноста во креирањето на политиките, многумина ќе заостанат уште повеќе. Ова е особено важно за ‘новите потреби’ на 21-виот век, како интернет пристапот кој помага со пристапот до образованието, здравството и можностите за работа од дома, изјави директорот на Канцеларијата за извештаи за човековиот развој при УНДП Педро Консеисау.

Спроведување на мерки фокусирани на зголемување на правичноста би било и финансиски поволно. На пример, се проценува дека затворањето на јазот во пристапот до интернет во земјите со ниски до средни приходи би чинело само еден цент од извонредниот пакет на мерки за фискална поддршка на кој светот до сега се има обврзано во справувањето со КОВИД-19.

Важноста на правичноста се потенцира во Рамката на Обединетите Нации за итен социо-економски одговор на КОВИД-19 кризата, која поставува зелена, родово-еднаква основа за добро владеење врз која може да се гради „новото нормално“. Таа препорачува пет приоритетни чекори за справување со комплексностите на оваа криза: заштита на здравствените системи и услуги; зголемување на социјалната заштита; штитење на работни места, мали и средни бизниси и работници во неформалниот сектор; создавање на макро-економски политики кои работат за сите; и промовирање на мир, добро владеење и доверба за градење на општествена кохезија. УНДП ја повикува меѓународната заедница брзо да инвестира во зајакнување на капацитетите на земјите во развој за следење на овие чекори.