Унапредување на заштитата на здравјето и безбедноста при работа можно преку заеднички пристап на сите чинители
Безбедноста и заштитата на здравјето на работниците на работните места во земјава и натаму треба да се унапредува, што може да се постигне само преку дијалог меѓу социјалните партнери – државата, работодавачите и синдикатите. Неоходно е детектирање на сите слаби точки, за преку соопфатна анализа да се дојде до квалитетни решенија, порачаа дел од учесниците на денешната конференција организирана по повод 28 aприл – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.
-Сите ние од ова место заедно да испратиме силна порака за неопходност од јакнење и унапредување на политиките, системите и механизмите кои придонесуваат за подобрување на безбедноста и здравјето на работните места, рече во обраќањето на конференцијата министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Според неа, пандемијата предизвикана од коронавирусот и предизвиците кои таа ги донела таа со себе за работниците и компании дополнително ги истакнале значењето и потребата постојано да се инвестира во силни, флексибилни и прилагодливи системи за безбедност и здравје при работа кои ќе можат да одговорат на моменталните, но и на идните евентуални ризици, опасности и предизвици по здравјето и безбедноста на работните места.
–Мора да ги негуваме и постојано да ги поттикнуваме социјалниот дијалог и меѓусебната соработка во оваа област како на национално така и на ниво на претпријатија ако сакаме да создадеме реални услови за успешно справување со постоечките, но и со новите предизвици во однос на безбедноста и здравјето на работните места, истакна министерката.
Според неа, одбележувањето на 28 Април треба да сите да не поттикне уште повеќе да работиме и на подигнување на јавната свест за безбедност и здравје при работа, како што нагласи, имајќи во предвид дека сите ние ја споделуваме и одговорноста и обврската секој во својот дел да се грижиме за безбедноста на работните места и да работиме на превенирање на несреќите, повредите и заболувањата поврзани со работата.
Заменик министерот за здравство Владимир Рендевски се согласува со ставот оти КОВИД пандемијата покажала колку е значајно постоењето на систем за заштита и безбедност при работа и почитување на сите протоколи и колку непочитувањето може да ги загрози животот на работниците.
Според него, треба да се почитуваат сите протоколи за заштита и безбедност при работа, да се носи лична заштита опрема, но и да се почитува работното време на работникот и неговото слободно време, за тој да биде да биде ефикасен и мотивиран. Апелираше институциите да спроведуваат поголеми контроли за да се спроведуваат сите закони, мерки и протоколи.
Рендевски додаде дека треба да продолжат да се спроведуваат систематските прегледи за да се утврди здравствената состојба на работниците, и да се даваат препораки особено во оние делови каде има потреба нешто да се превенира.
Потпретседателката на Советот за БЗР Даниела Китанова побара заеднички пристап на сите социјални парнери во градењето на безбедна работна средина и заштита на безбедноста и здравјето на работниците.
-Би сакала упатам порака дека сите треба да останеме сплотени и да делуваме заедно и не само на хартија, декларативно и на настани и собири, туку да делуваме во секој момент како механизам кој единствено ако е комплетен и усогласен може да функционира. Прашањето околу кое треба да се сплотиме е високо на пиедесталот на нашето функционирање, тоа е човечкиот живот, и здравјето на сите кои се вклучени во процесот на работа и секојдневно се даваат за добробит на семејството, средината и општеството, рече таа.
Китанова упати и порака до сите социјални партнери да ги детектираат проблеми со кои се соочуваат за подобра заштита и безбедност при работа, за да се направи анзлиза по која ќе може да се најдат издржани решенија.
Националниот координатор на МОТ во земјава Емил Крастановски, смета дека најголем приоритет треба да се даде на превенцијата.
-Сметам дека утврдувањето на соодветен приоритет на превенцијата на несреќите на работното место и професионални заболувања, како и на обезбедување работни инвестиции во безбедноста и здравје при работа ќе придонесе кон одржливост на македонската економија, на тој начин осигурувајќи здрава работна сила и поддржувајќи продуктивни претпријатија, истакна тој.
Затоа, додаде, Владата и останатите социјални партнери треба да се посветат на градење и одржување таква превентивна култура на здравје и безбедност при работа осигурувајќи дека здравјето и безбедноста се најголем приоритет.
На иста линија со соговорниците дека е потребен интегриран пристап и акцент на превентивното делување е и претседателот на ССМ, Дарко Димовски. Иако, нагласи, социјалниот дијалог на овој план од година во година се јакнува и се подобрува, се уште не се обезбедени услови за целосна безбедност и здравје при работа, и целосно безбедни услови за работа во наште компании.
-Во наредниот период ние како ССМ ќе работиме на регулирање на правата и обврските на работниците, но и работодавачите во оваа област по пат на колективни договори како двостран обврзувачки акт, рече Димовски.
Претседателката на ОРМ Владанка Трајковска истакна дека е неопходно сите работодавачи да станат свесни дека унапредувањето на заштитата на здравјето на безбедноста на работниците е и во нивен интерес.
-За жал поголемиот број од нашите работодавачи сметаат дека само со склучување договор со надворешни обвластени правни лица за извршување стручни задачи во врска со безбедноста и здравјето и работа нивните обврски завршуваат. Ним мора да им стане јасно дека преземените мерки се единствено во корист на нивните вработени и во корист на работодавачите како директни чинители во процес на работа, истакна таа.
Конференција по повод 28 aприл – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, ја организираа Министерството за труд и социјална политика, Меѓународната организација на трудот и Советот за безбедност и здравје при работа. На неа учествуваат претставници на институциите, синдикатите, Државниот инспекторат за труд, Организацијата на работодавачи, како и експерти од областа на трудовото право.