Унапредени капацитетите на женските граѓански организации


Вкупно 65 активистки од 24 организации ги унапредија своите капацитети за да можат поактивно да се вклучат и да ги менторираат процесите на ЕУ интеграција од родов аспект. Ова е резултат на спроведните активности во рамки на проектот Родово рамноправна ЕУ интеграција? – градење капацитети на женските граѓански организации“.

Воскре Наумоска Илиева од Фондацијата „Kvinna till Kvinna“ пред почетокот на завршната конференција „Интегрирање на родовата перспектива во процесите на ЕУ интеграција – вклучување на женските граѓански организации“ денеска изјави дека во фокусот на проектот било и како да ги мотивираат женските активистки, женските бранителки на човекови права и претставнички од женските организации да го бараат и да го добијат своето место во процесите на донесување одлуки поврзани со реформите во процесот на ЕУ интеграција. 

– Покриени беа теми – како да застапуваат пред ЕУ институции, ја демистифициравме структурата на ЕУ институциите. Ги унапредија нивните стратегии за застапување, како и за односи со јавноста. Имајќи предвид дека жените активистки во моментот кога ќе станат погласни, повидливи во јавност, често се мета на напади. Во рамки на проектот посветивме внимание и на унапредување на стратегиите за информациска безбедност и интегрирана сигурност на жените бранителки на човекови права и жените активистки, изјави Наумоска Илиева.

На конференцијата се обратија раководителот на сектор во Делегацијата на ЕУ во нашата земја Вирве Вимпари и амбасадорот на Кралството Шведска во нашата држава Матс Стефансон, кој го пренесе шведското искуство во оваа област.

– Родовата еднаквост е корисна за секој дел од општеството и како таква мора да се смета за приоритет од страна на сите засегнати страна. Во исто време важно е да се запомни дека родовата еднаквост всушност е многу повеќе од штиклирање полиња и одредени статистички податоци. Таа е долгорочен процес за да се обезбеди дека жените и мажите на национално и глобално ниво ги имаат истите права, можности и одговорности, заклучи Стефансон.

Според него, само со вистинска посветеност можеме да го унапредиме светот каде секој, без огледот на родот, ќе ги има средствата и можностите за постигнување на сопствениот потенцијал.

Раководителот на сектор во Делегацијата на ЕУ во нашата земја Вирве Вимпари посочи дека женските организации имаат клучна улога во спроведувањето политики за родова еднаквост.

– Граѓанското општество ја потсетува Владата со неговата клучна улога во следење и оценување на степенот до кој се реализираат овие заложби. Граѓанското општество треба да има важна улога во оценување на работата на европските институции, рече Вимпари.

Проектот Родово рамноправна ЕУ интеграција? – градење капацитети на женските граѓански организации е финансиран од страна на Европската Унија, претставена преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а се реализира во рамки на децентрализираната Национална програма за транзициона поддршка и градење на институциите, спроведувана од Генералниот Секретаријат на Владата и Министерството за финансии.