Украинските сили ги контролираат Харков и Киев, руските загуби огромни


 Украинските сили денеска го одбија рускиот напад врз Харков, вториот по големина град во Украина, каде изутрината избувнаа улични борби. Харков е целосно под наша контрола, објави неговиот гувернер Олег Синогубов. Тој додаде дека „градот се чисти од непријателите“.

 

И градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, попладнето објави дека во главниот град на Украина нема руски војници. Според неговите информации, од почетокот на нападот врз градот загинале 31 лице, а 106 се ранети.

 
„Нашата армија, полиција и територијална одбрана продолжуваат да ги откриваат и неутрализираат диверзантите“, напиша тој на социјалните мрежи. Според украинските медиуми досега украинските сили убиле над 4.300 руски војници и уништиле голем број воени возила. Руските сили практично не освоија ниту еден град во Украина досега. 
 
 
Русија во меѓувреме станува се поизолирана. Голем број европски земји веќе затворија или најавија дека наскоро ќе го затворат воздушниот простор за руските комерцијални летови.