Украина се согласи на преговори во Белорусиja


Зеленски во центарот на Киев во саботата, 26 февруари 2022

Украина се согласи на преговори во Гомел во Белорусија, а руската делегација ќе оди таму, изјави членoт на руската делегација Владимир Медински, јавија руски медиуми.Медински рече дека руската делегација веќе имала намера да замине, но дека од украинската страна добила информација за потврда на преговорите.

„Потврда за разговорите добивме околу 15 часот, разговорите ќе се одржат во регионот Гомел, како што предложивме“, рече тој во руската амбасада во Минск.

Некои медиуми претходно објавија дека украинскиот претседател Влодимир Зеленски разговарал со неговиот белоруски колега Александар Лукашенко, што набрзо го потврди и Зеленски на Фејсбук. Лукашенко ја презел одговорноста да се погрижи сите авиони, хеликоптери и проектили стационирани на белоруска територија да останат на теренот за време на патувањето, разговорите и враќањето на украинската делегација, напишаа од кабинетот на Зеленски.

Сепак, во дипломатските кругови денес беше споделена порака дека белоруските воздушни сили се подготвуваат да ја нападнат Украина. Според извештајот, белоруските специјални сили се качуиле на авионите денес,  подготвувајќи се за распоредување во или во близина на Киев и Житомир. Не е целосно можно да се потврди овој извештај, бидејќи повеќето опозициски новинари побегнаа од Белорусија, избегнувајќи ги репресиите од режимот на диктаторот Александар Лукашенко. Досега Белорусија де факто водеше војна против Украина дозволувајќи им на руските трупи да ја користат нејзината територија и обезбедувајќи им пристап до болниците и разузнавањето. Сега, според извештајот, Белорусија подготвува целосна инвазија.

Паралелно со овие случувања, Украина поднесе тужба против Русија во Хаг.Претседателот Володимир Зеленски побара Меѓународниот суд на правдата на ОН да и нареди на Русија да го прекине нападот против Украина и наскоро да започне судење против оваа држава.