Украина доби француски борбени авиони „Мираж“ и холандски ловци „Ф-16“


Франција денеска и ги испорача на Украина првите борбени авиони „Мираж“, а, исто така, денеска од Холандија доби и борбени ловци „ Ф-16“, објавија официјални лица во Киев.

Францускиот претседател Емануел Макрон во јуни минатата година вети дека украински пилоти ќе бидат обучени за управување со авионите „Мираж 2000“, што беше чекор напред во воената помош за Украина.

„Украинските пилоти кои неколку месеци се обучуваа во Франција сега ќе го бранат небото над Украина“, напиша францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорну на X.

Ова го потврди и украинскиот претседател Володимир Зеленски на истата социјална мрежа. „Првите „Мираж 2000“ пристигнаа од Франција, со што ги зајакнавме нашите одбранбени капацитети“, напиша украинскиот претседател.

Официјални лица рекоа дека поради безбедносни причини, не може да се открие колку едномоторни, повеќенаменски француски „Миражи“се испорачани, а кои веднаш се заменети со „Рафали“ во француските воздухопловни сили.

Во извештајот на француската парламентарна комисија од крајот на 2024 година, се наведува дека шест од 26 „Миражи“ во француската флота ќе и бидат донирани на Украина.

Истовремено, украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, денеска објави дека Холандија на Киев му испорача борбени авиони „Ф-16“ од американско производство. „Овие борбени авиони, заедно со „Мираж-ите“, наскоро ќе се впуштат во борбени задачи“, напиша Умеров на Фејсбук.

„Продолжуваме да ја шириме нашата флота Ф-16“, наведе Зеленски.

Првите Ф-16 пристигнаа во Украина во 2024 година.