Украдена бистата на народниот херој Вера Јоциќ од парк во скопски Центар
Бистата на народниот херој Вера Јоциќ била украдена од Градскиот парк во скопската Општина Центар, соопшти од Министерството за внатрешни работи (МВР). Бистата, дело на нејзината сестра Вида Јоциќ, е поставена во почетокот на паркот на околу 150 метри од Владата на РСМ.
Според полицискиот билтен, завчера во 11:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека од паркот е одземена спомен-бистата посветена на Вера Јоциќ. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и за пронаоѓање на сторителите.
Погибијата на Вера Јоциќ е опеана во песните „Очи“ и „Љубов“ на Ацо Шопов.
Авторката на бистата, Вида (Видосава) Јоциќ, e значајна југословенска вајарка којашто го преживеала Аушвиц, а во 1941 година со сестра си заедно заминуваат во партизански одред.