Укинувањето на бугарското вето треба да биде врвен приоритет за ЕУ, велат европските Зелени
Она што го прави Бугарија околу прашањето за пристапувањето на Македонија во ЕУ е опасен преседан кој го нарушува кредибилитетот на Унијата во регионот и ја загрозува политичката стабилност во државата, вели пратеничката група на европските Зелени во Европскиот парламент. Во соопштението потпишано заедно од Тинеке Стрик, портпаролка на Зелените/ЕФА за Северна Македонија, и Маја Морачанин, пратеничка и лидерка на Зелената партија ДОМ, се вели дека „сите земји-членки, Европската комисија и Европскиот парламент треба да извршат максимален притисок врз Бугарија за да се откаже од своето вето и да се обезбеди прогресивно продолжување на процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ“
Во реакцијата се наведуваат сите етапи од процесот на приближувањето на Македонија кон ЕУ, како и блокадата на Грција, барањето на Франција и Холандија за усвојување на новата методологија, а сега и ветото на Бугарија. И се нагласува дека Македонија во ниеден момент не се откажала или поколебала од својата европска перспектива.
„Лидерите на ЕУ треба да сфатат дека играат многу опасна игра со проевропската поддршка и со политичката стабилност на Северна Македонија. Кога ЕУ не го исполнува ветувањето, други странски актери ќе се активираат и ќе го зголемат своето влијание во земјата, тренд што е веќе видлив во целиот регион на Западен Балкан.
Земјите од регионот внимателно го следат процесот во Северна Македонија и сегашното вето поврзано со билатерално прашање. Допуштањето националните интереси на една земја-членка да надвладеат над официјалните критериуми за пристапување, може да претставува лош преседан за сите регионални земји-кандидати за интегрирање во ЕУ. Тоа го поткопува и кредибилитетот на ЕУ и мотивацијата на земјите да се вклучат во процесот на пристапување. На Европа ѝ треба успешен процес на пристапување на земјите од Западен Балкан, доколку сака регионална стабилност и одржлива иднина за младите генерации. Особено Бугарија, со оглед на нејзината географска положба, треба да сфати дека е меѓу првите што имаат полза од стабилноста во регионот на Западен Балкан.
Затоа, укинувањето на бугарското вето треба да биде врвен приоритет за ЕУ. Досега, притисокот на јавноста врз Бугарија беше само од страна на Европскиот парламент и тоа на иницијатива на Зелените. За да предизвикаат вистинска акција, на земјите-членки и на Европската комисија ова прашање треба да им биде приоритет и да го отворат патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ“, се вели во соопштението.