УЈП нема да биде солидарна кон оние кои не платиле солидарен данок, по 24 ноември ќе блокира сметки

Вкупната уплатена сума од данокот на солидарност е околу 35,9 милиони евра, што е значително помалку од очекувањата на Министерството за финансии кое првично предвидуваше 80 милиони евра приходи, а потоа околу 50 милиони


Фото: Б. Грданоски

Заклучно со денеска се уплатени 2.210.108.927 денари по основ на солидарен данок  од страна на 98 даночни обврзници од вкупно 150. Тие што не платиле ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а доколку во меѓувреме не ја исполнат обврската ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска во одговор на новинарско прашање информираше дека вкупната уплатена сума е 2.210.108.927 денари (околу 35,9 милиони евра). Најнискиот износ  што е уплатен по тој основ е 39.342 денари, а највисокиот 257.293.088 денари. Само еден даночен обврзник направил пребивање со поврат на ДДВ во износ од 42.259.181 денар.

-Бидејќи рокот беше до 25  октомври, за сите кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе се преземат мерки согласно со Законот за даночна постапка. На 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа немаат направено уплата на 24 ноември, веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки, најави Лукаревска. 

Даночните обврзници што ги опфаќа Законот за данок на солидарност се известени дека важат сите одредби, односно правила од Законот за даночна постапка дека може да ја направат уплатата на три рати заклучно со крајот на годинава, или пак за еднократно одложување на долгот до крајот на декември, со банкарска гаранција или со движен или недвижен имот со којшто УЈП  би ставила соодветен залог.

-Постојано сме во контакт со сите компании за сите нивни прашања и дилеми, рече Лукаревска, која на прес-конференција ги соопшти највисоките приходи во 2022 година.

Законот за данок на солидарност беше донесен на 19 септември годинава, а собраните средства, според најавите од Владата, ќе бидат наменети за антикризни мерки и ќе одат кај најранливите категории на граѓани.

Инаку, досега прибраната сума е значително под она што го предвидуваше Министерството за финансии. Првично очекувањата беа дека од овој вонреден и еднократен данок во Буџетот ќе се слеат околу 80 милиони евра, а потоа овој износ се намали на околу 50 милиони евра. И самата Лукаревска во јули годинава на прес конференција посочи дека данок на солидарност ќе треба да платат околу 200 компании, а во Буџетот ќе се слеат 77 милиони евра, врз основа на проценките на евиденциските анализи што ги има направено УЈП согласно даночните биланси што ги имаат доставено компаниите во Управата. 

Стопанската комора на Северна Македонија на 13 октомври поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука. Лукаревска вели дека ќе постапуваат во однос на средствата што во меѓувреме ги уплаќаат обврзниците во зависност од известувањето од Уставниот суд за одлуката што ќе се донесе. 

Согласно Законот за данок за солидарност, обврзник на данокот е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615 милиони денари.

Даночната основа за данокот за солидарност се пресметува на начин што од износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година (АОП 49), се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврдена во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди 2018, 2019 и 2021 година зголемен за 20 отсто.

Доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди 2017, 2018 и 2019 година зголемен за 20 отсто.